Кол Томас Ален, кој доцна во саботата се обиде да влезе на вечерата на дописниците од Белата куќа и пукаше во член на обезбедувањето, е обвинет за обид за атентат врз американскиот претседател, Доналд Трамп. Ова не е единствен напад врз политичар извршен од едно лице, напротив, американската статистика бележи раст на бројот на напади од таканаречените волци самотници. Десничарските екстремисти се сметаат за главна закана од домашниот тероризам. Во такви напади загинале помеѓу 120 и 170 луѓе, додека бројот на жртви на исламистички тероризам се движи помеѓу 70 и 120
Кол Томас Ален, кој доцна во саботата се обиде да влезе на вечерата на дописниците од Белата куќа и пукаше во член на обезбедувањето, е обвинет за обид за атентат врз американскиот претседател, Доналд Трамп, соопшти Министерството за правда на Соединетите Американски Држави.
Тој се соочува уште две федерални обвиненија: употреба на огнено оружје при извршување насилно кривично дело и транспорт на оружје и муниција преку државните граници, со намера за извршување тешко кривично дело. Доколку биде осуден, 31-годишниот напаѓач од Калифорнија би можел да се соочи со доживотна затворска казна.
– Тој се обиде да го убие претседателот на САД, Доналд Џ. Трамп – изјави обвинителката Џоселин Балантин.
Вршителот на должноста државен обвинител, Тод Бланш, објави дека во електронските пораки што им ги испратил на роднините непосредно пред инцидентот, тој го нарекол претседателот Трамп „предавник“.
– Нема место за насилство во граѓанскиот живот. Не може и нема да се користи за попречување на демократските институции, а сигурно не може да продолжи да се користи против претседателот на САД – изјави Бланш.
Ова е трет напад врз Трамп во поново време, а она што е карактеристично е дека во секој од нив имало по еден извршител, таканаречен волк самотник. Нападот на гала-вечерата на известувачите од Белата куќа, на која присуствуваа претседателот Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс и други американски функционери, е само ново поглавје во историјата на насилството во САД. Според американските надлежни служби и студии, бројот на екстремистички и политички напади се зголемува, а повеќето од нив се извршени од „волци самотници“. Во 2023 година, полицијата на американскиот Капитол истражуваше над 8.000 закани, што е зголемување од 50 проценти во однос на 2018 година. Убиството на конзервативниот говорник и поддржувач на Трамп, Чарли Кирк, во Јута, минатата година, дополнително ги разоткри горчливите политички поделби во Америка. Само неколку месеци претходно, нотира „Хина“, биле застрелани демократската претставничка на државата Минесота, Мелиса Хортман, и нејзиниот сопруг, Марк, додека сопругот на поранешната претседателка на Претставничкиот дом и демократка Ненси Пелоси, Пол, беше нападнат со чекан и хоспитализиран со скршеница на черепот.
Пред саботниот инцидент во вашингтонскиот хотел „Хилтон“, Трамп беше нападнат на предизборниот митинг на 13 јули 2024 година. Напаѓачот Томас Метју Крукс го рани во увото, уби еден човек и сериозно повреди уште двајца, по што беше убиен од агентите на Тајната служба. Таа година, на 15 септември, Тајната служба го забележа и го застрела вооружениот напаѓач Рајан Весли Рут, кој чекаше на голф-теренот на Трамп, а подоцна беше уапсен. Годинава, на 22 февруари, Тајната служба уби 20-годишен маж што се обидел нелегално да влезе во безбедносната зона на имотот на американскиот претседател, Доналд Трамп, во Мар-а-Лаго во Флорида. Тој бил забележан во близина на северната порта, со нешто што личело на пушка и шише со гориво.
И покрај зачестените напади, во САД не постои единствена официјална база на податоци со сите податоци за терористичките акти и за жртвите, туку тие се следат преку повеќе извори. Веродостојните процени се базираат на податоците од институциите како што се ФБИ, Министерството за внатрешна безбедност или Центарот за стратешки и меѓународни студии и други истражувачки бази. „Хина“ објави дека, според овие извори, помеѓу 2016 и 2025 година имало околу 200 убиства во политички мотивирани и терористички напади. Анализите, исто така, покажуваат дека повеќето напади во последната деценија биле извршени од поединци – таканаречените волци самотници, што се совпаѓа со трите напади врз Трамп и убиството на Чарли Кирк.
Кога станува збор за идеолошки мотивираното насилство, податоците укажуваат дека најголемиот број напади не произлегуваат од исламистичките идеологии, како што е општиот впечаток на јавноста, туку од десничарските екстремистички групи, кои американските власти ги сметаат за главна закана од домашниот тероризам. Процените велат дека во вакви напади загинале помеѓу 120 и 170 луѓе, додека бројот на жртви на исламистичкиот тероризам се движи помеѓу 70 и 120. Центарот за меѓународни и стратешки студии наведува дека таканаречениот левичарски тероризам е, исто така, во пораст, но може да се смета дека ќе добие посилна „реклама“ по нападот врз Трамп.
Бројот на инциденти и истраги поврзани со домашниот тероризам значително се зголеми во последните години. ФБИ го зголеми повеќе од двојно бројот на истраги од 2020 година, додека бројот на отворени случаи се зголеми од околу 2.000 во 2013 година на повеќе од 9.000 во 2021 година.












