вторник, јуни 16, 2026
Дома СВЕТ Иран им ги нуди на сојузниците своите искуства за тоа „како да...

Иран им ги нуди на сојузниците своите искуства за тоа „како да ја поразиме Америка“

83
EPA/ABEDIN TAHERKENAREH

Иран е подготвен да ги сподели своите одбранбени воени капацитети со независни земји, особено со земјите членки на Шангајската организација за соработка. Ова им го понудил на колегите заменик-министерот за одбрана на Иран, Реза Талаеи-Ник, во вторникот, на состанок на министрите за одбрана на Шангајската организација, која е позната како платформа за разговор на државите – алтернатива на западните блокови, чии учесници, меѓу другите, се Кина, Русија, Индија и нивните евроазиски соседни земји.

– Подготвени сме да ги споделиме нашите искуства во победата над Америка со другите членки на организацијата – додал иранскиот заменик-министер за одбрана.

Но, ако се суди според најновите случувања, крајот на војната на САД и на Израел против Иран, како и прогласувањето победа, е многу далеку.

Иранските власти во понеделникот објавија детали за повеќестепениот предлог што наводно го доставил Техеран до Вашингтон. Според тој предлог, чувствителното прашање за збогатувањето ураниум би се ставило настрана додека не заврши војната и не се решат споровите околу транспортот во Заливот, објави „Ројтерс“. Со првиот чекор од тој предлог треба да прекинат нападите на САД и на Израел врз Иран и да се гарантира дека нема да продолжат. Во вториот чекор, двете страни треба да ги укинат блокадите на Хормускиот Проток, што би ја ослободило трговијата преку една од клучните светски бродски линии, која Иран сака повторно да ја отвори под своја контрола. Дури третиот чекор би вклучувал преговори за нуклеарната програма на Иран, при што Техеран ќе бара признавање од САД на неговото право да збогатува ураниум.

Како што изјави во вторникот американски функционер, претседателот на САД, Доналд Трамп, не е задоволен од тој предлог, бидејќи не го опфаќа прашањето за нуклеарната програма на Иран.

– САД веруваат дека мора да се решат нуклеарните прашања од самиот почеток, а Трамп не бил задоволен од иранскиот предлог поради таа причина – изјави анонимен функционер запознаен со состанокот на претседателот со советниците за национална безбедност.

Портпаролката на Белата куќа, Оливија Велс, изјави дека САД „нема да преговараат преку медиумите“ и дека биле јасни за своите црвени линии додека администрацијата на Трамп се стреми да ја заврши војната против Иран што ја почна на 28 во февруари, заедно со Израел, објави „Ројтерс“. Претходен договор од 2015 година меѓу Иран и неколку други земји, вклучувајќи ги и САД, значително ја ограничи нуклеарната програма на Иран, за која Иран долго време тврдеше дека е за цивилни цели. Сепак, тој договор пропадна кога Трамп еднострано се повлече од него во текот на својот прв мандат.

И американскиот државен секретар, Марко Рубио, изрази незадоволство од иранскиот предлог. Тој изјави дека понудата на Иран за повторно отворање на Хормускиот Проток под строги услови на Техеран е неприфатлива за САД и за другите земји.

ИЗДВОЕНИ