Две момчиња, на возраст од 18 и 19 години, загинаа во тешка сообраќајна несреќа во романскиот округ Прахова, а сè, како што пренесуваат тамошните медиуми, поради ТикТок предизвик. Според наводите на романскиот портал „Observator News“, момчињата се обиделе да го повторат предизвикот што го виделе на ТикТок. Наводно, сакале да соберат што повеќе прегледи.
За време на ноќното возење ги изгаснале фаровите, а само неколку секунди подоцна автомобилот излетал од патот и удрил во дрво.
Михај и Андреј, стари едвај 18 и 19 години, загинаа во несреќата на патот во Прахова. Третото момче, кое седело на задното седиште, успеало да преживее.
Преживеаното момче раскажало што се случило непосредно пред несреќата.
„Сакавме да одиме во паркот. Се возевме и мојот пријател, кој прв загина, се шегуваше за да ме исплаши и рече да ги угаснат светлата… Фаровите. Ги изгасна на околу две секунди, а потоа повторно ги запали и додаде гас. Беше многу блиску до кривината и баш тогаш, во кривината, повторно забрза“, раскажало преживеаното момче, пренесува Б92.
Автомобилот во кој се наоѓале тројцата пријатели се движел по патот DJ 140, во општината Пучењи Мари. Во кривината, осумнаесетгодишниот возач ја изгубил контролата врз возилото, излетал од патот и силно удрил во дрво.
Деветнаесетгодишниот Михај, кој седел на местото на совозачот, починал на лице место. Возачот Андреј, стар 18 години, бил пренесен во болница, но неколку часа подоцна и тој им подлегнал на повредите. Преживеаното момче рече дека во еден момент постоела можност автомобилот да не удри во дрвото.
„Да не го свртеа воланот, ќе завршевме во поле со пченка и ќе беше подобро. Сврте налево и удривме во дрво“, рече тој.
Неговата мајка раскажа што се случило по несреќата.
„Мојот син бил зад возачот. Не бил врзан со сигурносен појас… Мислам дека тоа беше Бог. Бог интервенираше. Излегол на патот и се обидел да ги запре автомобилите. Два автомобили поминале покрај нив, не сакале да запрат“, изјавила мајката на момчето што преживеа.
Дури третиот автомобил наводно застанал, а неговиот возач повикал итна помош.
„Отиде да се напие сок и не се врати“, рече мајката на 19-годишното момче што седело на совозачкото седиште.
Сведоци тврдат дека осумнаесетгодишниот возач пред несреќата возел многу брзо.
„Велат дека возел 120 километри на час“, рече еден малолетен сведок.
Друг жител тврди дека на таа делница често се вози со голема брзина.
„Овде се вози прилично брзо. И мотоциклистите овде возат… И по 150 километри на час“, рече тој.
Мештаните сметаат дека патот на кој се случи трагедијата е многу опасен и се плашат од возачите кои, како што тврдат, се тркаат по тој пат.
„Синоќа, да имаше овде некој на велосипед… Ќе загинеше на лице место! На лице место! И ние, да бевме овде, бидејќи постојано се шетаме, ќе бевме мртви!“, рече еден од мештаните.
Полицијата покрена кривична постапка за предизвикување сообраќајна несреќа со смртен исход. Истрагата треба да ги утврди сите околности и што точно довело до трагедијата. Само во текот на минатата година, на патиштата во Руманија животот го изгубиле речиси 1.300 луѓе, додека повеќе од 3.000 лица здобиле тешки повреди.












