И БУГАРСКИ ИСТОРИЧАРИ НА ИСТА ЛИНИЈА СО МАКЕДОНСКИТЕ: НЕ СЕ ЗНАЕ ЧИЈ СКЕЛЕТ Е ПРЕНЕСЕН ВО СОФИЈА, ГЛЕДААТ ПОЛИТИЧКА ЗАДНИНА
И бугарски историчари се со резерва околу идентитетот на посмртните останки што ги презеде Бугарија од Грција. Бугарскиот историчар Милко Палангурски признава дека не е направена ДНК-анализа со која би се потврдило дека останките му припаѓаат на цар Самуил. Тој го опиша процесот на враќање на останките како отворање на „Пандорината кутија“ и предупреди дека не постои ниту целосен каталог на материјалот што е предмет на размената со Грција. Македонскиот историчар Александар Атанасовски, пак, оди чекор подалеку и тврди дека останките пренесени во Софија не се на Самуил, бидејќи идентитетот на четирите гроба на Свети Ахил не е потврден со натпис или со друг директен доказ. И двајцата историчари отвораат сомнеж околу начинот на кој е спроведена целата операција, додека Палангурски гледа и политичка заднина во брзањето со враќањето и размената. По свеченото пренесување со највисоки државни почести, така, останува клучното прашање чии останки, всушност, беа пренесени во Софија
Посмртните останки што ги презеде Бугарија од Грција и ги претставува како останки на цар Самуил се вратија во Софија без да биде направена ДНК-анализа со која би се потврдил нивниот идентитет. Сега повторно се отвора прашањето дали навистина станува збор за останките на Самуил, а резерви во однос на идентификацијата доаѓаат и од бугарска страна. Бугарскиот историчар Милко Палангурски јавно потврди дека досега не е направена ДНК-анализа со која би се потврдило или отфрлило дека останките му припаѓаат на цар Самуил. Во исто време, македонскиот професор Александар Атанасовски, во интервју за Бугарското национално радио, категорично тврди дека тие останки не се на Самуил и дека четирите гроба на островот Свети Ахил немаат натпис или друг директен доказ за чиј идентитет станува збор.
Со враќањето на останките, наместо конечен одговор, се отвори ново научно и историско прашање: чиј скелет, всушност, е пренесен во Софија? Дополнителна тежина на дилемата ѝ дава и фактот што од Свети Ахил се вратени останки од повеќе лица, а бугарските научници најавуваат нови генетски истражувања. Така приказната за „враќањето на цар Самуил“ добива сосема поинаква димензија, бидејќи самиот идентитет на останките сè уште не е потврден со современа ДНК-анализа.
Во бугарските медиуми истовремено се отвораат и други прашања: зошто не направила Бугарија каталог и целосно истражување на артефактите што ќе ѝ бидат вратени на Грција, што точно содржи размената меѓу двете држави и зошто се брзало со враќањето на останките.
Бугарскиот историчар Милко Палангурски, во емисијата „Здраво Бугарија“ на бугарска НОВА, изјави дека не била направена ДНК-анализа на посмртните останки од Грција за да се потврди или отфрли дали се тие на цар Самуил. Според него, операцијата за враќање на останките на владетелот не била добро подготвена и враќањето на коските е прашање на голема дипломатија.
– Она што го знаеме е дека на островот Свети Ахил се погребани цар Самуил и неговото семејство. Се отвори „Пандорината кутија“. Тука проблемот не е во она што го враќаме ние, туку во тоа што нема список и никој не знае колку и што точно има. Бугарската држава не направи каталог и истражување на артефактите што навистина им припаѓаат на грчките манастири – посочи Палангурски.
Тој додаде дека артефактите што ќе ѝ ги врати Бугарија на Грција „биле скриени близу 112 години“ и нагласи дека во Бугарија нема информации за нив.
Палангурски додаде дека продолжуваат преговорите за размена на археолошки наоди меѓу Бугарија и Грција и дека тие, најверојатно, ги опфаќаат и ракописите. Тој, исто така, смета дека посмртните останки на Самуил нема да бидат трајно положени во Бугарија.
Професорот додаде и дека се брзало со организирањето на враќањето и размената и смета дека тоа има политичка заднина.
Професор Атанасовски: Самуил никогаш не бил во Софија, а неговите коски, веројатно, се пренесени уште во 1943
Македонскиот универзитетски професор Александар Атанасовски, чија специјалност е средниот век, во интервју за Бугарското национално радио директно ја оспорува идентификацијата на останките од Свети Ахил како останки на цар Самуил. Според него, самото постоење на четири гроба на локалитетот не е доволно за да се утврди кој е погребан во нив, особено што, како што вели, нема натпис или друг непосреден доказ за идентитетот. Тој посочува и дека постојат различни претпоставки за тоа каде, всушност, бил погребан Самуил.

– Е, тоа прашање е прашање за Нобелова награда. Едно е сигурно: не е таму каде што мислат и тие остатоци што ги зема Бугарија не се на Самуил. Прво, оние четири гроба таму, не се знае чии се, нема никаков натпис, нема никаков доказ. Првично се зборуваше дека гробот е внатре во црквата, под онаа плоча со тие персиски орнаменти, па оттука дека е Персиец по потекло. Некои велат дека умрел во Прилеп и дека е погребан таму, но трети велат дека е на сосема трето место – вели Атанасовски во одговор на прашањето каде бил погребан цар Самоил.
Професорот изнесува и своја хипотеза дека вистинските останки на Самуил, можеби, биле однесени во Бугарија уште во текот на Втората светска војна, кога влегле бугарските војници во Преспанскиот Регион и биле вршени археолошки истражувања. Тој се повикува на истражувањата во Герман, каде што биле погребани членови на семејството на Самуил, и смета дека е можно дел од пронајдените останки уште тогаш да биле пренесени во Софија.
– Според мене, моштите на Самуил се однесени во Бугарија уште во 1943 година. По капитулацијата на Италија во Втората светска војна, бидејќи Италијанците ја држеле преспанската област, бугарските војници навлегуваат во таа област и доаѓа археолог – мислам дека беше Филов по фамилијата – и тие прават истражување во селото Герман на Преспанското Езеро, каде што биле погребани татко му, мајка му и брат му. По некоја логика, би требало тоа да е семејна гробница и Самуил да е погребан таму. Сите мошти што се најдени во Герман, таму околу тие цркви, бугарските војници ги имаат однесено во Софија уште во 1943–1944 година. Значи, можно е моштите уште тогаш да се однесени во Бугарија. Тие што сега ќе се земат, најверојатно, не се мошти на Самуил – вели Атанасовски.
Во разговорот, тој ја проблематизира и аргументацијата според која скршеницата на подлактницата на скелетот би можела да биде доказ за идентификација со Самуил. Тој потсетува дека историските извори навистина сведочат за ранувањето на Самуил по битката кај Сперхеј, но не кажуваат на кој дел од телото бил повреден. Оттука, според него, не може со сигурност да се поврзе конкретната повреда со средновековниот владетел.
– Па тој никогаш не бил во Бугарија, зошто да се прибира кога е земен тој од Бугарија? Вака излегува дека ние сме го украле Самуил од Бугарија и сме го донеле во Македонија, а тој е роден во Македонија, тука умрел и тука е погребан – вели професорот на прашањето како сме ја примиле во земјава веста дека се враќа цар Самуил во Бугарија.
Моштите на некој „среќник“ ќе се слават и величаат како Царсамуилови

Универзитетската професорка и историчарка Катерина Тодороска смета дека договорот меѓу Бугарија и Грција за пренесување на моштите на цар Самуил треба да се гледа и низ пошироката историска призма на односите меѓу двете земји кога станува збор за македонското историско наследство. Таа, во колумна за венсикот ВЕЧЕР, потсети дека и во минатото грчко-бугарските договори за македонското население биле проследени со силни политички интереси и меѓународни пресметки. Осврнувајќи се конкретно на најновиот договор, таа оценува дека пренесувањето на моштите може да биде корисно за двете страни, но на различен начин. Според неа, за Грција тоа би можело да претставува „добро пресметан улов“, додека во Бугарија, како што пишува, постои можност со највисоки почести да бидат пречекани и чувани останки чија идентификација како Царсамуилови би можела да биде предмет на спор.
– Во Бугарија, со највисоки почести ќе се пренесат моштите на некој „среќник“, чии мошти ќе се слават, чуваат и величаат како Царсамуилови – пишува Тодороска во колумната.
Бледскиот договор и паралела со моштите на великанот Гоце Делчев
Прашањето доби дополнителна политичка тежина откако македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, го отвори историскиот контекст на Бледскиот договор.
– Јас го коментирам тоа во насока на Бледскиот договор, кој е постигнат веднаш по капитулацијата на фашистичка Бугарија, која ја има, би рекол, окупирано во текот на Втората светска војна територијата на денешна Македонија. Некој го вика тоа „администрирање“ од политичарите, за среќа што се поранешни политичари, односно поранешни политичари на функции, значи сè уште активни во опозицијата преку совети на раководствата во опозицијата, си имаат свои кукли таму и си ги раководат – изјави Мицкоски.
Мицкоски рече дека тој би се вратил неколку децении назназад, кога беа донесени во Скопје останките на македонскиот великан Гоце Делчев и изрази жалење што, според него, малкумина денеска го споменуваат Бледскиот договор и она што било договорено со него.
– Што се однесува до пренесувањето на моштите, јас би се вратил назад неколку децении, кога биле донесени моштите на македонскиот великан Делчев, како резултат на тој Бледски договор, во Скопје. И тоа е нешто што треба нас, како Македонци, да нè прави горди, затоа што моштите на тој великан, кој бил во свое време пред времето, симболизираат многу за македонскиот идентитет. И штета што малкумина денеска го споменуваат Бледскиот договор и сè она што е договорено таму, а тоа не е така оддамна, тоа е пред неколку децении. Ќе повторам, по капитулацијата на фашистичка Бугарија во текот на Втората светска војна, која, ќе повторам, во тоа време ја окупирала територијата на денешна Македонија – рече премиерот Мицкоски.
Во петокот, посмртните останки од островот Свети Ахил во Грција беа пренесени во Софија, во рамките на договорот меѓу Бугарија и Грција. Тие пристигнаа со воено-транспортен авион „спартан“, а во бугарскиот воздушен простор авионот беше придружуван од две двојки борбени авиони МиГ-29 и Ф-16. По слетувањето, ковчегот со останките беше пречекан со официјален воен церемонијал и беше пренесен до центарот на Софија, каде што следуваше државна церемонија на плоштадот „Кнез Александар Први“. На церемонијата присуствуваа највисоки државни претставници, политичари, дипломати, свештени лица и илјадници граѓани. Бугарските власти го претставија настанот како историско враќање на останките на цар Самуил по повеќе од илјада години од неговата смрт. Следниот ден, останките беа положени во црквата „Света Софија“, каде што е предвидено да останат. Но, зад свечениот државен чин се отвори и суштинското научно прашање дали останките што беа пренесени во Софија навистина му припаѓаат на цар Самуил, прашање за кое, според македонски, но и бугарски историчари, досега не е направена ДНК-анализа што би го потврдила или отфрлила тоа. (В. С. Н.)











