Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов најавува нова методологија, а енергетскиот експерт Митко Андреевски смета дека треба да се зачуваат либерализираниот пазар и конкуренцијата меѓу снабдувачите. Според него, слободното формирање на цената остава простор за пониски понуди и за подобри услови за компаниите и за индустријата. Во фокусот е и прашањето како би влијаела евентуалната промена на методологијата врз крајните потрошувачи

 

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) размислува да го промени начинот на кој се пресметува цената на природниот гас, по примерот на методологијата што се применува кај нафтените деривати. Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, најави дека би можела да се поврзе цената со релевантна берзанска цена наместо да се земаат предвид поединечните набавни цени на компаниите. Тој објаснува дека причината за размислувањето за нов модел е нестабилноста на цените на европските берзи, но и фактот што во земјава има повеќе компании што увезуваат природен гас.

– Согласно со методологијата, можеби веќе почнуваме да размислуваме и кај гасот да се врземе за берзанската цена – вели Ристов, додавајќи дека целта е да се воспостави појасен модел за пресметка во услови на променливи набавни цени.

Сепак, ваквата идеја го отвора прашањетп дали поврзувањето со берзанската цена навистина би донело поголема предвидливост за потрошувачите или само би создало поинаков механизам за пренесување на пазарните промени врз крајната цена.

Енергетскиот експерт Митко Андреевски смета дека при креирањето на новиот модел треба да се внимава да не се наруши либерализацијата на пазарот на природен гас.

– Гасот треба да се врзе со електричната енергија, а не со нафтените деривати. Не е добро Регулаторната комисија за енергетика да воведува регулирана цена на гасот, бидејќи кај нас пазарот е либерализиран повеќе од десет години. Тоа беше оправдано до 2015 година, кога имавме еден доставувач на гас и регулацијата имаше цел да ги заштити корисниците – вели Андреевски.

Според него, со отворањето на пазарот и со појавата на повеќе снабдувачи, се создадени услови за конкуренција. Тоа, како што посочува, им овозможува на компаниите и на индустријата да избираат меѓу различни понуди и да бараат поповолни услови за снабдување.

– Кога има повеќе доставувачи, пазарот треба да биде слободен и да постои натпревар кој ќе понуди пониска цена. Кога имате регулиран пазар, цената е утврдена и просторот за конкуренција е многу помал. На слободниот пазар, пак, може да се постигне и пониска цена на гасот за компаниите и за индустријата – посочува Андреевски.

Оттука, клучното прашање е како би функционирала евентуалната нова формула. Предвидливата методологија не значи автоматски и предвидлива сметка. Доколку расте референтната берзанска цена, промената би можела да се пренесе и врз потрошувачите. Затоа од особено значење ќе биде која берза ќе се користи како референца, за кој период ќе се пресметува цената и со каква динамика ќе се пренесуваат промените до крајните корисници.

Отворено е и прашањето што ќе се случува со разликата меѓу референтната берзанска и реалната набавна цена. Доколку снабдувачот набави гас по пониска цена од референтната, останува да се утврди дали ќе се пренесе заштедата кај потрошувачите. Во спротивна ситуација, потребно е јасно да се дефинира кој ќе го преземе дополнителниот трошок.

Ристов, пак, како дел од долгорочните решенија, ги посочува и обезбедувањето долгорочни договори за снабдување, интерконекторите и можноста за складирање природен гас. Македонија во моментов нема сопствени складишни капацитети, а нивната изградба би барала значителна инвестиција.

Цената на гасот е особено значајна и за домаќинствата приклучени на централното греење, бидејќи горивото претставува еден од главните трошоци во производството на топлинска енергија. Сепак, евентуалната промена на методологијата сама по себе не значи и автоматска промена на сметките.

Засега РКЕ работи на можен модел, но не е донесена одлука за промена на методологијата. Доколку се пристапи кон промена, останува да се види како ќе се балансираат поголемата транспарентност во пресметката, заштитата од ценовни шокови и принципот на либерализиран пазар.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ