Вкупно 360 клиенти на „Алта банка“ од Прилеп, Охрид и Ресен, во саботата, ги подигнаа своите пари на шалтерите во филијалата во Битола. Банката работеше и за време на викендот, а за граѓаните од трите града беше организиран и превоз до Битола и назад, со цел полесно да дојдат до средствата на своите сметки.

Исплатата поминала без проблеми, а клиентите кои немаат платежни картички можеле да подигнат до 20.000 денари, во рамките на дозволениот лимит за две недели. Од Народната банка информираа дека од утре ќе бидат отворени и шалтерите на „Алта банка“ во Тетово и Струмица. На нив граѓаните ќе можат да подигнат до 20.000 денари. Истовремено, се зголемува и неделниот лимит за подигање готовина и плаќање со картички од досегашните 10.000 на 15.000 денари.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, порача дека приоритет останува заштитата на имотот и на штедните влогови на граѓаните, а најдобро решение за „Алта банка“ е нејзина продажба на нов инвеститор. Тој потврди дека се бараат заинтересирани купувачи и дека веќе се остваруваат контакти со потенцијални инвеститори. Според него, станува збор за здрава банка со потенцијал за развој, особено поради нејзината традиционална поврзаност со регионот и можностите за финансирање на земјоделството и индустријата.

Славески најави дека ќе имаат состаноци со шест инвеститори, а веќе разговарале и со две домашни банки. И додека Народната банка размислува и за алтернативни решенија во случај на неповолно сценарио, иако продажбата останува посакуваната опција, во меѓувреме, институциите најавуваат постепено олеснување на пристапот на граѓаните до нивните пари.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ