Советот на Град Скопје на денешната седница донесе одлука со која се намалува бројот на предвидените нови вработувања во јавните претпријатија и установи на Град Скопје.
Со одлуката се прави оптимизација на бројот на вработени, со цел поодговорно управување со градскиот буџет и насочување на човечките ресурси кон работните места кои се директно поврзани со функционирањето на градот и услугите за граѓаните.
Од Град Скопје информираат дека приоритет ќе имаат теренските и оперативните позиции каде што постои реална потреба од дополнителен кадар – пред сè возачи во ЈСП, работници и возачи во ЈП „Комунална хигиена“, како и друг оперативен кадар неопходен за одржување на градските услуги.
Истовремено, административните позиции се сведуваат на минимум, со цел средствата и кадарот да бидат насочени таму каде што има најголема потреба – на улиците, во парковите, во јавниот превоз и во останатите услуги кои граѓаните ги користат секојдневно.
-Секој денар од граѓаните мора да има јасна цел, а секое работно место вистинска потреба и конкретна работа. Скопјани заслужуваат функционален јавен сектор кој ќе ја оправда нивната доверба со квалитетни и навремени услуги – нагласуваат градските власти.
Тие посочуваат дека ова преструктуирање има за цел поефикасно работење, поодговорно управување со јавните средства и создавање услови за подобрување на клучните градски услуги.
-Со новата политика, приоритет се дава на работните места кои директно придонесуваат за функционирањето на Скопје и секојдневниот живот на граѓаните – наведуваат од Град Скопје.
При тоа додаваат дека продолжуваат со воведување поголема одговорност, рационализација и насочување на ресурсите кон реалните потреби на градот и скопјани.












