Украинскиот олигарх Вадим Ермолаев беше сериозно повреден во силна експлозија што се случи на 30 јуни во Монако, а првите медиумски извештаи сугерираа дека неговата сопруга Ана, со која има четири деца, исто така е повредена во нападот. Сепак, сопругата на бизнисменот рече дека таа не е жената што е повредена во нападот.
Според украинските медиуми, повредите ги претрпела друга жена чии „екстремитети, вклучувајќи ги и нозете, биле ампутирани“. Сопругата на олигархот била на друга локација во времето на експлозијата.
-Моментално сме во состојба на голем стрес и активно соработуваме со истрагата и органите за спроведување на законот, изјави Ана за Suspilne.
Не е познато која е другата жена која е повредена во експлозијата, но странските медиуми известуваат дека и нејзиниот 13-годишен син завршил во болница, а состојбата м,у е стабилна. Извори за француските медиуми изјавија дека момчето било фрлено речиси 15 метри од силата на експлозијата и дека мајката можеби била повредена додека се обидувала да го заштити. Непознатата жена моментално е на лекување во болница во Ница, потврди државниот министер на Монако, Кристоф Мирманд.
Според снимките од камерата, трите жртви „очигледно мирно се враќале дома“ рано навечер.
-Тие биле зафатени од експлозијата додека го преминувале прагот на нивната станбена зграда. Се чини дека семејството било цел, рече Мирманд.
Јавниот обвинител на Монако, Стефан Тибо, изјави дека состојбата на мажот е стабилизирана, но дека животот на жената е сè уште во опасност. Тој додаде дека експлозијата се истражува како обид за убиство, но дека не се смета за терористички чин.
Извори од украинската полиција тврдат дека нападот е поврзан со мрежа од лажни кол-центри во Днепар, кои се користат за извршување големи финансиски измами во Европа. Истите операции наводно измамиле илјадници инвеститори за повеќе од 100 милиони евра. Семејството Ермолаев наводно играло значајна улога во шемата, а името на олигархот наводно е во центарот на широка истрага за тајните кол-центри што работат од Украина.
Тибо одби да каже кој бил наводната цел на експлозијата, а Мирманд рече дека немало информации за конкретни закани против бизнисменот.
Полицијата во Монако и Франција бара маж со црна рибарска шапка кој бил снимен на надзорните камери откако оставил ранец во станбена зграда. „Осомничениот бил виден на видео надзор како бега кон општината Босолеј во Франција“, напиша владата на Монако на X.
Еермолаев ја напуштил својата родна Украина пред речиси една деценија, кога Русија го анектираше Крим и пристигнал во Монако. Претходно се откажал од украинското државјанство и земал кипарско.












