Јавното обвинителство веднаш да ги испита околностите под кои „Алта банка“ влезе на македонскиот пазар, во спротивно СДСМ самостојно ќе поднесе кривични пријави. Ова го порача портпаролката на партијата Богданка Кузеска на денешната прес-конференција, посочувајќи дека институциите сè уште не презеле соодветни мерки.
Кузеска побара од јавниот обвинител Ненад Савески да ги испита улогата на премиерот Христијан Мицкоски, постапувањето на гувернерот Трајко Славески, како и владините одлуки поврзани со влезот на банката во земјава. Од СДСМ посочуваат дека случајот добива дополнителна тежина по случувањата во Србија, каде што на „Алта банка“ ѝ била одземена дозволата за работа, бил отворен стечај и бил уапсен нејзиниот сопственик Давор Мацура. Партијата потсетува и на претходните санкции што австриската финансиска регулаторна агенција FMA во 2024 година ги изрекла врз „Alta Group“.
Според Кузеска, постоеле законски пречки за стекнување квалификувано учество во банка, повикувајќи се на член 13 од Законот за банки. Таа тврди дека надлежните морале да ја проверат законската подобност и репутацијата на сопственикот пред да се овозможи влез на банката на македонскиот пазар.
– Славески морал да знае дека Алта Груп или Алта Банка никако не може да се стекне со статус квалификуван акционер и не смеел да дозволи влез на Алта Банка – изјави Кузеска.
Опозициската партија дополнително обвинува дека Владата донела заклучоци со кои на Мацура му било овозможено да стекне поголем пакет акции на сметка на државата, како и да купи осигурително друштво. СДСМ бара да се проверат потеклото и текот на парите, владините одлуки и евентуалната одговорност на сите инволвирани.
Од партијата предупредуваат дека непостапувањето на обвинителството може да доведе до губење докази и заташкување на трансакциите, поради што бараат итна институционална реакција.
– Бараме веднаш да се испитаат сите околности за влезот на Алта банка во Македонија. Улогата на Мицкоски. Постапувањето на Славески. Предлогот на Кочоска. Владините заклучоци. Потеклото и текот на парите. Сите инволвирани да одговараат – порача Кузеска.
Таа го повика обвинителот Савески да постапува независно од политичките влијанија и во согласност со Уставот и законите, нагласувајќи дека обвинителството има обврска пред граѓаните.
СДСМ најавува дека доколку нема реакција од надлежните институции, ќе поднесе сопствени кривични пријави за случајот.












