Русија води две војни: едната е конвенционална војна против Украина, додека другата е когнитивна војна против европските демократии и земјите-членки на НАТО, изјави денеска молдавската претседателка Маја Санду, обраќајќи се на годишната сесија на Парламентарното собрание на Алијансата во Берлин.
„Првата е конвенционална војна против Украина, која се води со ракети, беспилотни летала и артилерија, со цел заземање територија и лишување на еден народ од неговата слобода. Втората е когнитивна војна против демократиите во Европа и во просторот на НАТО, која има за цел да обликува во што веруваат луѓето, од што се плашат, кому му веруваат и, на крајот, какви одлуки носат“, рече таа, како што пренесе денеска агенцијата „Молдпрес“.
Според Санду, на Русија не ѝ е потребно да ги порази европските војски, доколку може да ја поткопа политичката волја што ги одржува нив.












