понеделник, ноември 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Европски и Источнокинески универзитет – различни академски култури, заеднички истражувања и проекти

Европски и Источнокинески универзитет – различни академски култури, заеднички истражувања и проекти

Со потпишувањето меморандум за соработка со Источнокинескиот нормален универзитет, Европскиот универзитет – Скопје отвора можности за размена на студенти и професори, заеднички истражувања и академски проекти. Партнерството треба да овозможи размена на знаења и искуства, како и посилно поврзување на македонското и кинеското високо образование

17

Европскиот универзитет – Скопје и Источнокинескиот нормален универзитет (East China Normal University) потпишаа Меморандум за соработка, со кој се отвораат можности за размена на студенти и професори, заеднички истражувања и реализација на академски проекти. На потпишувањето присуствуваше делегација од кинескиот универзитет, предводена од неговиот заменик-претседател Даи Лиу, а домаќини беа раководството и професорите на Европскиот универзитет. Ова е прв официјален чекор кон воспоставување институционална соработка меѓу двете високообразовни установи.

Европскиот универзитет е првиот приватен универзитет во Македонија и има 25-годишна традиција. Реализира студии од прв и втор циклус во повеќе области, меѓу кои дентална медицина, економски науки, информатика, арт и дизајн, криминалистика и право.

Ректорката на Европскиот универзитет, проф. д-р Билјана Богдановска-Андрееска, во своето обраќање им посака добредојде на гостите и истакна дека посетата претставува значаен момент за институцијата бидејќи првпат се воспоставува официјална институционална соработка со универзитет од Кина.

– За нас, како универзитет, ова претставува прво официјално искуство од воспоставување институционална соработка со универзитет од вашата земја. Дел од нашите професори имаа индивидуални академски посети во Народна Република Кина, кои го збогатија своето професионално искуство и им овозможија дел од стекнатите знаења и искуства да ги пренесат и на нашите студенти, истакна Богдановска-Андрееска.

Осврнувајќи се на историјата на институцијата, таа потсети дека Европскиот универзитет е основан пред 25 години, од нејзиниот покоен татко, проф. д-р Бојо Андрески, еден од основоположниците на приватното високо образование во Македонија.

Таа нагласи дека меѓународната академска соработка има важна улога во поврзувањето на општествата и создавањето нови можности за младите генерации.

– Вашето присуство овде, за сите нас, претставува многу повеќе од официјална посета. Тоа е можност за воспоставување мостови меѓу нашите академски заедници, за размена на знаења и искуства и за отворање нови перспективи за меѓусебна соработка. Длабоко веруваме дека универзитетите, преку својата академска и истражувачка дејност, како и преку размената на професори и студенти, имаат посебна улога во поврзувањето на народите, културите и општествата, порача Богдановска-Андрееска.

Претставникот на кинеската делегација го презентираше Источнокинескиот универзитет, основан во 1951 година, кој денес има речиси 39.000 студенти, повеќе од 4.000 членови на наставниот кадар и 34 факултети и школи. Универзитетот има над 300 меѓународни партнери, а секоја година во неговиот кампус студираат повеќе од 6.000 странски студенти.

Во своето обраќање тој истакна дека станува збор за национален истражувачки универзитет со развиена меѓународна соработка и силно присуство во академските мрежи. Тој посочи и дека универзитетот има значајна меѓународна студентска заедница и развива заеднички академски и истражувачки иницијативи со многу партнерски институции.

Во рамките на презентацијата беше претставен и Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет, кој годинава одбележува 20 години од основањето. Проф. д-р Гордана Вренцоска, која е дел од факултетот од неговото основање во 2006 година, ги презентираше студиските програми по графички, моден и ентериерен дизајн, како и досегашните активности и достигнувања.

Таа посочи дека факултетот досега организирал бројни изложби, модни ревии, работилници, гостински предавања и меѓународни мобилности, а студентите и менторите се добитници на 35 национални и меѓународни награди.

– Силно веруваме во општествената одговорност и нашата работа ја темелиме на три столба – инклузивност и човекови права, традиција и културно наследство, како и одржливост и екологија. Соработуваме со Британскиот совет, Кралскиот колеџ во Лондон, амбасади, музеи и институти, рече Вренцоска.

Како најголемо достигнување, таа ги издвои студентите кои по завршувањето на студиите развиваат сопствени професионални кариери и бизниси.

Од двата универзитети изразија надеж дека потпишаниот меморандум ќе биде почеток на долгорочно и успешно партнерство, кое ќе овозможи конкретни академски размени, заеднички истражувања и нови можности за студентите и професорите.

(А. С.)

Фото: Ѕ.Плавевски

ИЗДВОЕНИ