Самуиловата тврдина, која претставува значаен симбол на историјата, културата и идентитетот на градот Охрид, ќе се ревитализира, а ќе се вршат и заштитни интервенции и археолошки истражувања на локалитетот Манчевци. Ова го најави министерот за култура и туризам при вчерашната посета на ова културно наследство.
– Заштитата, промоцијата и презентацијата на Охрид и на охридската споменична целина која се вбројува во редот на Светското културно и природно наследство, претставува врвен приоритет за Министерството за култура и туризам. Затоа, во рамки на работната посета, заедно со директорот на Заводот и музеј – Охрид, Горан Патчев, се наоѓаме на круната, Самуиловата тврдина. Во 2026, кога охридскиот Завод и музеј одбележува 75 години од своето постоење, во програмата за заштита на недвижното културно наследство, се предвидени вкупно 11.520.000 денари, посочи министерот Љутков.
Тој додаде дека Самуиловата тврдина/Цитадела како вековен стожер и чувар на историјата и културата на Охрид, ја продолжува вонвременската приказна но, во современ контекст и со нова културна содржина.
– Во завршна фаза е изработката на проектот за ревитализација на Самуиловата тврдина што подразбира археолошки доистражувања, изведба на илуминација и партерно уредување со летна сцена која ќе ја возобнови традиција за одржување на театарски претстави, концерти и други културни настани, како основа за нејзината самоодржлива компонента, додаде Љутков.
Во однос на археолошкиот локалитет Манчевци, кој се истражува од 2007 година и каде што е лоцирана ранохристијанската базилика со прекрасни мозаични површини, тој сега се соочува со сериозни предизвици од оштетување. Од овие причини, според Љутков, Министерството издвои средства за археолошки доистражувања, изведба на потпорен ѕид и премостување со што ќе бидат создадени адекватни услови за презентација и промоција на ова културно добро.
Самуиловата тврдина се смета за едно од најголемите утврдувања зачувани во Македонија. Првпат била спомената од страна на историчарот Тит Ливиј во 3 век пр. н. е, уште додека била тврдина на градот Лихнид. Во 5 век, Охрид се споменува од римските историчари како град со тврдини. Во подоцнежните векови Византија ги користела овие тврдини, а Словените навлегуваат во Охрид без некои големи уривања. Но, Охрид како престолнина на Самуиловото Царство има обновени и доста силни бедеми. По претворањето на Самуиловата држава во политичко и црковно седиште, Охрид станал средновековен метрополис. Сè до почетокот на 15 век, населениот град Охрид живеел во градските бедеми. Откако бил заземен од османлиските Турци, дошло до експанзија на населението низ пониските делови. (Д. Т.)












