вторник, јуни 16, 2026
Дома СВЕТ „Ќе добиеме уште поопасен Иран“, предупредува Каја Калас

„Ќе добиеме уште поопасен Иран“, предупредува Каја Калас

69
EPA/RONALD WITTEK

Преговорите меѓу Вашингтон и Техеран, доколку се водат без учество на нуклеарни експерти и без поширок поглед на безбедносната улога на Иран, би можеле да го ослабат идниот договор и да создадат уште поопасна ситуација на Блискиот Исток, предупреди високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас.

Како што објави „Гардијан“, Калас оцени дека евентуалниот договор, доколку преговорите се сведат исклучиво на нуклеарната програма на Иран, а на преговарачката маса нема експерти за нуклеарно право, би можел да биде послаб од Заедничкиот сеопфатен план за акција, познат како нуклеарен договор со Иран.

„Ако преговорите се фокусираат исклучиво на нуклеарната програма и нема експерти за нуклеарно право на масата, ќе завршиме со договор кој е послаб од Заедничкиот сеопфатен план за акција за нуклеарната програма на Иран“, рече Калас.

Таа предупреди дека прашањето за Иран не може да се ограничи само на нуклеарниот аспект, туку мора да ја опфати и ракетната програма на Техеран, неговата поддршка за сојузничките вооружени групи, како и хибридните и сајбер активностите во Европа.

Според неа, доколку овие прашања останат надвор од преговарачката рамка, исходот би можел да биде спротивен од очекуваното – не намалување, туку зголемување на заканите што доаѓаат од Иран. „Ќе добиеме уште поопасен Иран“, нагласи Калас.

Разговорите, кои се водат со посредство во Исламабад, досега не донесоа никаков видлив напредок, додека европските дипломатски кругови сè повеќе предупредуваат дека секој нов договор би морал да биде поширок и посилен од претходниот нуклеарен договор.

ИЗДВОЕНИ