Месечните трошоци во владината просечна потрошувачка кошница се за околу 11.200 денари пониски од оние во синдикалната минимална кошница. Разликата меѓу двете пресметки предизвика внимание, особено поради категориите што не се опфатени со владината кошница, меѓу кои се киријата, ратата за станбен кредит и трошоците за годишен одмор. Не се опфатени ниту алкохолот, цигарите и посебна ставка за годишен одмор, додека трошоците за здравство се пресметани на 1.400 денари месечно.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши објаснува дека разликата произлегува од различните методологии. Според него, пресметката на Министерството се темели на официјални статистички податоци и реално остварена потрошувачка, додека синдикалната кошница ги проценува трошоците потребни за живот.
Во владината кошница не се предвидени кирија за стан или рата за станбен кредит. Од Министерството ова го образложуваат со податоците од последниот попис на населението, според кои 95 проценти од граѓаните живеат во сопствен дом.
Дурмиши најави дека одредени ставки може да бидат изменети или дополнети откако методологијата ќе биде разгледана на седницата на Економско-социјалниот совет, најавена за следната недела.
Според пресметката на Министерството, просечната потрошувачка кошница во август изнесувала 58.475 денари, што е за 29 денари повеќе од јули. Во истиот период, трошоците за храна и пијалаци се намалиле за 255 денари. Во јануари кошницата изнесувала 56.381 денар, што значи дека до август пораснала за 2.095 денари, односно околу 3,7 проценти.
– Нашата цел е јасна да имаме реална, објективна и транспарентна слика за тоа колку трошат домаќинствата во Македонија, врз основа на службени статистички податоци, реалната потрошувачка и цените на производите и на услугите на пазарот – изјави Дурмиши.
При пресметката, Министерството користи податоци од Државниот завод за статистика, цени на производи во осум градови, податоци од 23 пазари за овошје и зеленчук, како и цени на најпродаваните прехранбени производи во петте најголеми и три регионални трговски синџири. Владината кошница опфаќа вкупно 101 производ.
Во август синдикалната минимална кошница изнесувала 68.676 денари, односно околу 11.200 денари повеќе од владината. Тоа значи дека владината пресметка е приближно 16,3 проценти пониска од синдикалната, додека синдикалната е околу 19,5 проценти повисока од владината.
Најголема разлика има кај храната и пијалаците. Според Министерството, за оваа категорија во август биле потребни 21.132 денари, додека синдикалната кошница предвидувала 25.032 денари. Разликата изнесува 3.900 денари месечно.
– Мора јасно да кажеме дека станува збор за две различни методологии. Синдикалната кошница се базира на процена на посакуваните трошоци за живот, додека нашата пресметка се темели на официјални податоци за реално остварената просечна потрошувачка – посочи Дурмиши.
Министерот нагласи дека целта не е да се прикажат трошоците на граѓаните како пониски од реалните, туку да се користи методологија заснована на официјални статистички извори.
– Не сакаме да навлегуваме во натпревар чија кошница е повисока или пониска – рече Дурмиши.
Тој додаде дека различните методологии не значат дека се оспоруваат потребите на граѓаните, туку дека е важно јавноста да знае што опфаќа секоја од пресметките.
Осврнувајќи се на животниот стандард, Дурмиши посочи дека намалувањето на инфлацијата е позитивен сигнал. Според податоците што ги наведе, месечната инфлација во септември изнесувала 0,5 проценти, а годишната 2,7 проценти.
Сепак, според министерот, за подобрување на животниот стандард не е доволно само да се намалуваат цените, туку потребен е и раст на платите. Тој оцени дека зголемувањето треба да се одвива постепено и да биде засновано на економските показатели, за да не предизвика дополнителен раст на потрошувачката и повторно разгорување на инфлацијата.
(А.С.)












