Општина Демир Хисар ги поканува граѓаните и сите љубители на пчеларството и на природните производи да го посетат Саемот за пчеларство и пчелни производи – Демир Хисар 2026, кој ќе се одржи на 10 октомври 2026 година (сабота), со почеток во 10:30 часот, на Градскиот плоштад во Демир Хисар.
Саемот ќе биде можност на едно место да се претстават пчеларите и производителите од Демир Хисар и од поширокиот регион, како и да се промовираат домашниот мед, пчелните производи и други традиционални и локални производи.
На посетителите ќе им бидат претставени различни видови мед и пчелни производи.
Со своја културно-уметничка програма, настанот ќе го збогати КУД „Илинден“ – Демир Хисар.
– Целта на оваа манифестација е промоција на пчеларството, домашното производство и на локалните производители, како и поттикнување на интересот за квалитетните природни производи што ги нуди нашиот крај. Саемот воедно претставува можност за непосредна средба на производителите со потрошувачите, размена на искуства и за промоција на традиционалните вредности и производи – соопштија од Општина Демир Хисар.
Оттаму ги покануваат сите граѓани да бидат дел од Саемот за пчеларство и пчелни производи – Демир Хисар 2026, да ги посетат изложувачите, да се запознаат со нивните производи и со своето присуство да им дадат поддршка на домашните и на локалните производители.












