Фрустрацијата кон Вашингтон расте меѓу традиционалните американски сојузници на Блискиот Исток. Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Кувајт и Бахреин сè почесто ја преиспитуваат американската политика кон Иран, оценувајќи ја како непредвидлива и недоследна.
Според The Washington Post, дел од арапските и западните претставници сметаат дека американското воено присуство, наместо поголема безбедност, ги изложува земјите од Заливот на ризик од вовлекување во конфликти.
„Однесувањето на САД во регионот ги прави помалку безбедни, а не побезбедни“, изјавила аналитичарката Ана Џејкобс.
Иако земјите од Заливот и понатаму зависат од американското оружје, разузнавачката поддршка и военото присуство, тие почнуваат да бараат и други безбедносни партнери. Неодамнешниот одбранбен договор меѓу Саудиска Арабија, Турција и Пакистан се толкува како сигнал дека Ријад сака да ја диверзифицира својата безбедносна политика.
Дополнителен проблем е економскиот ризик. Доколку конфликтот со Иран продолжи, може да бидат погодени туризмот, инвестициите, меѓународните конференции и големите спортски настани во регионот.
И покрај растечкото незадоволство, прекин на сојузништвото со Вашингтон засега не се очекува. Земјите од Заливот немаат целосна алтернатива на американскиот безбедносен чадор.
Сепак, конфликтот отвори прашање кое досега ретко се поставуваше: дали САД сè уште се дел од решението за безбедноста во Заливот – или стануваат дел од проблемот?












