Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека се обезбедени средства за воените операции против Иран до крајот на јануари. Истовремено, тој упати критики кон демократите во Конгресот кои се закануваат дека ќе го запрат конфликтот – потег што, според него, би ја „претворил целосната победа во пораз“.
Во интервју за „Њујорк пост“, дадено во Овалната соба, Трамп призна дека неговите воени опции би можеле да станат ограничени откако демократите ќе ја преземат контролата врз Конгресот во јануари, но изрази надеж дека опозицијата нема да доведе до, како што тој го нарече, предвремен крај на конфликтот.
„Тие би ја претвориле целосната победа во пораз. Мислам, погледнете – нивната морнарица е уништена, нивното воено воздухопловство е уништено, нивната противвоздушна одбрана – сè е уништено. Нивните лидери се елиминирани. Ако демократите го направат тоа, тие едноставно ќе ја претворат победата во пораз“, тврди Трамп.
„Не знам како би можеле политички да го оправдаат тоа, бидејќи ние победуваме. Можеме да ја завршиме оваа војна кога и да посакаме“, додаде тој.
Трамп ја започна војната во февруари, првично проценувајќи дека таа ќе трае „околу четири недели“. Сепак, по неуспешните преговори со Техеран, во април беше воспоставено примирје, проследено со меморандум за разбирање во јуни – кој пропадна само неколку недели подоцна, кога Иран нападна трговски бродови. Израел се залага за целосна промена на режимот во Иран како начин за ставање крај на конфликтот, додека Трамп овој месец изјави дека конфликтот е веќе „практично завршен“. Сепак, тој има намера да го задржи ембаргата врз иранските пристаништа за да го принуди Техеран да постигне нуклеарен договор.
Трамп истакна дека израелската цел – крајот на Исламска Република Иран – е „веројатно остварлива“, но напомена дека тоа не е негова лична цел.
„Едноставно не сакам тие да поседуваат нуклеарно оружје. Никогаш не сум бил ниту за, ниту против промена на режимот. Тоа за мене никогаш не било критериум“, рече Трамп.
Трамп, исто така, се осврна на најавата на Иран од оваа недела дека има намера да ги тужи САД и да бара отштета за воздушниот напад врз училиште, во кој загинаа десетици ученици и наставници. „Па, барам репарации за луѓето што ги убија – а нивниот број е многу поголем – бидејќи, за почеток, во последните седум месеци убија 75.000 демонстранти. Но, тие со години ги убиваат нашите луѓе“, одговори Трамп.
Во интервјуто, Трамп се осврна и на други глобални жаришта, наведувајќи дека размената на „љубовни писма“ со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун – која се одвиваше за време на неговиот прв претседателски мандат – би можела „веднаш да продолжи“.
Американскиот претседател негираше дека Ким го игнорира, откако „Волстрит џурнал“ објави дека Трамп му испратил писмо на севернокорејскиот лидер, но претставникот на Пјонгјанг во Обединетите нации го вратил писмото неотворено.












