Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, му го предал американскиот одговор на претседателот Масуд Пезешкијан за време на седницата на кабинетот, но нема информација што содржи и дали станува збор за отфрлање на предлогот. Во меѓувреме, преговорите меѓу САД и Иран не се завршени. Регионалните медијатори се обидуваат да ги зближат двете страни и да изработат поширок договор што би можел да вклучува прекин на непријателствата, повторно отворање на Хормускиот Проток, ублажување на санкциите и враќање на преговорите за нуклеарната програма на Иран
Иранските власти денеска потврдија дека добиле официјален одговор од САД на предлогот на Техеран за прекин на седуммесечната војна, кој американскиот претседател Доналд Трамп, само неколку дена претходно, јавно го отфрли. Официјалните лица не открија што содржи одговорот, ниту дали станува збор за отфрлање на предлогот, објави „Асошиејтед прес“.
Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, му го предал американскиот одговор на претседателот Масуд Пезешкијан за време на седницата на кабинетот, информира портпаролката на владата Фатемех Мохаџерани за државната новинска агенција ИРНА.
– Ќе вложиме максимални напори договорот да оживее и решително ќе ги браниме правата на иранскиот народ. Договорот сега мора да се базира на стратегија од заемна корист, рече Пезешкијан.
Состанокот на кабинетот следуваше по враќањето на Арагчи во Иран од Генералното собрание на ОН во Њујорк, минатата недела. За време на нивниот престој таму, официјалните лица имаа индиректни разговори со американски претставници и се сретнаа со медијатори од Катар и Пакистан на маргините на овој годишен собир на светските лидери. Арагчи ја информираше владата за посетата на Њујорк и одржаните состаноци, вклучувајќи ги и условите на Иран за повторно отворање на Хормускиот Проток, за кои Мохаџерани рече дека биле пренесени преку посредници.
Арагчи минатата недела изјави дека предложил отворање на протокот во рок од седум дена ако САД се согласат да ја укинат блокадата на иранските пристаништа, да ги одмрзнат иранските средства и да ги укинат санкциите за продажба на иранска нафта, меѓу другите услови. Трамп брзо го отфрли овој предлог, велејќи дека Иран сака договор затоа што „катастрофално губи“. Но и покрај овој потег на американскиот претседател, заткулисните преговори меѓу САД и Иран не се завршени. Регионалните медијатори се обидуваат да ги зближат двете страни и да изработат поширок договор што би можел да вклучува прекин на непријателствата, повторно отворање на Хормускиот Проток, ублажување на санкциите и враќање на преговорите за нуклеарната програма на Иран. Според официјални лица запознаени со разговорите, првиот чекор од евентуалниот договор би бил повторно отворање на протокот, еден од најважните светски транспортни правци за нафта и гас. Иран предложил нормализирање на превозот во рок од седум дена од прифаќањето на планот од страна на Вашингтон. За возврат, се бара укинување на американската поморска блокада на иранските пристаништа, ублажување на санкциите за продажба на нафта и ослободување на дел од замрзнатите ирански средства.
Американските и иранските претставници претходно имаа неколкучасовни индиректни разговори со посредство на други земји, а Вашингтон рече дека останува отворен за дипломатско решение доколку е можно. Но, најголема пречка и понатаму останува нуклеарната програма на Иран. Американската администрација не сака конечен договор сè додека не добие конкретни отстапки од Техеран. Меѓу барањата на Вашингтон е повторното влегување на меѓународни инспектори во Иран. Според АП, американската страна е подготвена да размисли за ублажување на санкциите и одмрзнување на дел од иранските средства за возврат.
Во меѓувреме, администрацијата на Трамп вели дека ја продолжува својата економска војна против Техеран, додека изгледите двете страни да постигнат договор се уште се неизвесни. Министерството за финансии на САД во вторникот воведе нови санкции насочени кон поединци и компании ширум светот, кои ги обвинува за финансиско олеснување или помагање на синџирот на воено снабдување на Иран. Овој последен потег на американската администрација е дел од кампањата наречена „Операција економски отпадник“, чија цел е да се прекинат „клучните финансиски линии за опстанок“ на иранската влада која веќе е под тешки санкции.












