Министерството за правда на САД објави дека продолжува да работи на забрзување на спроведувањето на смртните казни на федерално ниво, при што методот на егзекуција вклучува и стрелање, објавува CNN
„Меѓу преземените мерки е повторното воведување на протоколот за смртоносна инјекција што се користеше за време на првата администрација на Трамп“, соопшти Министерството за правда, додавајќи дека методите на егзекуција се прошируваат за да вклучат, покрај инјекцијата, и стрелање.
Пет држави дозволуваат смрт со стрелање за осуденици кои повеќе немаат право на жалба. Во март, маж од Јужна Каролина осуден за двојно убиство стана четвртото лице кое е егзекутирано со стрелање од 1970-тите,
„Претходната администрација не успеа во својата должност да го заштити американскиот народ и одби да спроведе најстрога казна против најопасните криминалци, вклучувајќи терористи, убијци на деца и убијци на полицајци“, рече вршителот на должноста државен обвинител Тод Бланч, додавајќи дека „под водство на Трамп, Министерството за правда повторно го спроведува законот и стои на страната на жртвите“.
Во соопштението се нагласува дека употребата на пентобарбитални инјекции, кои се користат при егзекуции, не ја крши забраната за сурово казнување од амандманот.
На крајот од својот мандат, Бајден помилува 37 од 40-те федерални затвореници кои беа осудени на смрт и ги замени нивните казни со доживотен затвор без можност за условна слобода.
Папата Лав XIV ја критикуваше смртната казна, повикувајќи на нејзино укинување во Соединетите Американски Држави. Во порака до Универзитетот ДеПол во Чикаго, по повод 15-годишнината од укинувањето на смртната казна во американската држава Илиноис, папата рече дека Римокатоличката црква учи дека секој човечки живот е свет од моментот на зачнувањето, објави Ројтерс.
„Правото на живот е самата основа на секое друго човеково право“, рече папата, тврдејќи дека ефикасните затворски системи можат да ги заштитат граѓаните, а воедно да ја зачуваат можноста за искупување за луѓето осудени за сериозни кривични дела.
Папата ги осуди масовните егзекуции во Иран.
„Го осудувам одземањето човечки живот. Ја осудувам смртната казна“, рече папата.
Папата Лав XIV, првиот папа од Соединетите Американски Држави, ја критикуваше администрацијата на Трамп за нејзината политика кон мигрантите и нејзината војна со Иран.












