Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека европските декларации за безусловна поддршка на Украина и континуираниот притисок врз Русија укажуваат на неподготвеност на европските нации да придонесат кон мировниот процес.
Тој истакна дека Русија се обидува да разбере во која мера ставот на Европа би можел да придонесе за решавање на конфликтот во Украина, пренесува „Спутник“.
Досегашните преговори се водеа во трилатерален формат – Русија, Украина и САД – при што во разговорите се споменуваше и можното вклучување на европски претставници.
Песков се осврна на изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во која таа наведува дека Европа очекува да учествува во преговорите во формат „Е5 + ЕУ“ – кој би ги опфатил Франција, Германија, Италија, Полска, Обединетото Кралство и претставници на институциите на ЕУ.
Тој додаде дека Кремљ смета оти не е соодветно – во интерес на мировниот процес – да се откриваат детали од разговорите со САД во врска со Украина.
Што се однесува до конфликтот, Песков повтори дека Москва се залага за долгорочен мир, а не за привремен прекин на огнот кој, како што рече, би му овозможил на Киев да се опорави.
Тој ги пофали перформансите на руските системи за противвоздушна одбрана, истакнувајќи дека успешно одбиле интензивен напад со беспилотни летала, иако призна дека ниту еден систем не може да гарантира апсолутна заштита.
Според руското Министерство за одбрана, руската противвоздушна одбрана во текот на 24 часа соборила 2.049 беспилотни летала, седум наведувани авионски бомби и четири ракети од типот „Фламинго“. Песков исто така изјави дека руското Министерство за транспорт ќе даде информации за оштетувањата на Кримскиот мост, напоменувајќи дека во моментов се проценуваат помалите оштетувања.
Тој како неосновани ги отфрли обвинувањата од Естонија и други европски земји дека Русија извршила акти на саботажа.
Коментирајќи го планот на Талин за затворање на сите гранични премини со Русија, тој забележа дека Естонија гради „ѕид“ кој нема да ѝ донесе ништо добро.












