„Гугл“ поднесе жалба за измена на условите во градежната дозвола за својот центар за податоци во Белгија – потег што предизвика противење кај активистите и локалните жители.
„Гугл“ ги запре работите на центарот за податоци наменет за вештачка интелигенција во Белгија, проект што националните власти го окарактеризираа како „нелегална градба“.
Изградбата во Фарсиен (Farciennes) е привремено прекината, а компанијата „чека дополнителни упатства“, соопшти американскиот технолошки гигант.
Николас Јерно, портпарол на владата на Валонија – регионот каде што се наоѓа локацијата – ја обвини компанијата дека нема важечка градежна дозвола, опишувајќи го тоа како „сериозно кршење на законот“.
„Работиме во Белгија повеќе од 15 години и остануваме посветени на почитување на локалните закони“, се вели во соопштението на „Гугл“.
Сè почести се критиките во врска со изградбата на центри за податоци – клучен предуслов за развојот на вештачката интелигенција – поради огромното количество енергија што тие го трошат.
Проектот со месеци е заглавен во правни постапки, откако Google поднесе барање за измена на условите во својата градежна дозвола.
Локалните медиуми објавија дека технолошката компанија се обидела да го промени начинот на ладење на објектот: од систем заснован на воздух, кон систем што би вклучувал црпење вода од блиската река Самбр.
Иако регионалните власти го одбија овој предлог, изградбата продолжи, што предизвика протести од страна на локалните жители и еколошките групи. „Фактот што Google продолжува да гради без дозвола покажува непочитување кон природата, локалното население и законот“, вели Јори Тајс од „Гринпис Белгија“ (Greenpeace Belgium).
„Последиците од климатската криза само ќе се интензивираат. Во таа смисла, не смее да се дозволи изградбата на центар за податоци што троши огромни количества енергија да помине незабележано“, додава тој.
Судско рочиште е закажано за следната година.
Според податоците од веб-страницата „Data Center Map“, во светот постојат околу 13.500 центри за податоци, од кои 54 се наоѓаат во Белгија.
САД имаат најголем број вакви објекти – повеќе од 5.200. Брзиот пораст на бројот на податочни центри беше исто така значајна тема за време на среднорочните избори во САД; во три сојузни држави беа избрани демократски сенатори и гувернери кои се залагаат за построги регулативи за работењето на податочните центри.












