Американските дипломати треба да ја користат социјалната мрежа „Ик“ и да работат со единиците за воени психолошки операции за да се спротивстават на странската антиамериканска пропаганда, изјави државниот секретар Марко Рубио во меморандум што го виде „Ројтерс“.
Мемондумот, чие постоење првпат го објави „Гардијан“, е посветен на начините за разоткривање на операциите на странско влијание и дезинформациите што „претставуваат директна закана за националната безбедност на САД и поттикнуваат непријателство кон американските интереси“, пишува „Ројтерс“.
Документот им наложува на дипломатите да „координираат со меѓуагенциските партнери по потреба“, посебно истакнувајќи ги Психолошките операции на Пентагон, единицата порано позната како Операции за воена информатичка поддршка (MISO). Иако меморандумот не дава детали, овие единици традиционално се фокусирани на влијание врз непријателските војници на бојното поле.
На пример, MISO стоеше зад американските пропагандни напори против Исламската држава во Сирија. Во една таква акција во 2015 година, десетици илјади летоци во стилот на стрип беа фрлени од воздух, на кои беа прикажани регрути на ИСИС како се туркаат во мелница за месо.
Воените психолошки операции веќе предизвикаа тензии со американските дипломати во минатото. Ројтерс претходно објави дека за време на првата администрација на Трамп, тимовите на Пентагон користеле лажни профили на социјалните медиуми за да шират сомневања за вакцината на Кина против COVID-19, и покрај противењето на претставниците на Стејт департментот.
Пентагон не одговори веднаш на барањето за коментар за меморандумот на Рубио и природата на можната соработка на нивните единици со дипломатите.
Мемондумот, исто така, ги повикува дипломатите да истакнат веродостојни информации и да ги разоткријат лажните вести користејќи алатки како што е функцијата „Белешки од заедницата“ на социјалната мрежа „Икс“ на Елон Маск, како и други, неименувани алатки за вештачка интелигенција. „Икс“ и „хВИ“ не одговорија веднаш на барањата за коментар.
Платформата „Икс“ честопати беше критикувана затоа што дозволува ширење на дезинформации, особено откако Маск ги укина тимовите за модерација и безбедност по преземањето на тогашниот Твитер во 2022 година. X тврди дека платформата е дизајнирана да даде приоритет на слободата на говорот и дека „Забелешките од заедницата“ се подобро решение од централизираната модерација.












