Геологијата, уметноста и образованието се споија во уникатен креативен процес во ДСУЛД „Лазар Личеноски“, каде што се одржува работилница за мозаик инспириран од рубинот. Настанот го посети министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер.
Станува збор за иновативна иницијатива која преку практична работа со минерали ги поврзува природните ресурси со креативноста и образованието. Рубинот, како централен симбол и материјал, претставува инспирација за младите учесници, кои преку уметнички израз стекнуваат нови знаења и вештини.

– Ваквите проекти се конкретен пример како се гради нов наратив за енергетиката и рударството – не само како сектор, туку како простор за знаење, иновации и поврзување со културата. Нашата цел е природните ресурси да станат дел од образованието, креативноста и економијата, бидејќи токму таму се создава вистинската додадена вредност за државата – изјави министерката Божиновска.
Таа нагласи дека ваквите иницијативи претставуваат важен чекор кон модернизација на секторот, особено преку директно вклучување на младите во процеси кои поттикнуваат иновации и развој на нови вештини.
Амбасадорот Прескер ја поздрави соработката, истакнувајќи дека ваквите проекти создаваат конкретни резултати и придонесуваат за зајакнување на партнерствата меѓу институциите, образовниот систем и граѓанскиот сектор.
Во рамки на посетата, двајцата високи претставници симболично се приклучија на креативниот процес, учествувајќи во изработка на мозаик инспириран од рубинот. Со овој гест, тие испратија порака за значењето на креативноста, инклузијата и заедничкото создавање како клучни двигатели на одржливиот развој.
Работилницата е дел од проектот „Вештини – клучот на зелената економија“, поддржан од Амбасадата на Република Словенија, а реализиран од Центарот за истражување на природата и културата „Nature Expedition“ и здружението „Дијалог“. Проектот комбинира геологија, сторителинг и уметност, со посебен акцент на инклузивноста – во активностите се вклучени и млади лица со Даунов синдром.
Во рамки на проектот се изработуваат два мозаика – едниот ќе биде поставен во мермерниот комплекс во Беловодица како дел од концепт за отворена галерија, додека вториот ќе биде изложен во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.












