Само неколку часа нè делат од почетокот на Светското првенство 2026, најголемиот фудбалски спектакл кој годинава ќе се одржи во САД, Мексико и Канада. Возбудувањата веќе се на највисоко ниво, а бројни аналитичари ги издвојуваат главните кандидати за освојување на светската круна.

Според анализата на „ЕСПН“, во која учествувале 20 новинари и фудбалски експерти, најголем фаворит за титулата е репрезентацијата на Шпанија. И покрај одредените проблеми со повреди и неизвесноста околу неколку важни играчи, „Црвената фурија“ располага со исклучителен квалитет и длабочина во составот.

Веднаш зад Шпанците се наоѓа Франција, која ќе се обиде да стигне до нов светски трофеј во последното големо натпреварување на селекторот Дидие Дешам. На третото место е актуелниот шампион Аргентина, предводена од Лионел Меси, кој ќе го одигра и последното СП. Иако „гаучосите“ ќе ја бранат титулата освоена во Катар, многумина сметаат дека задачата овој пат ќе биде уште потешка.

Меѓу најсериозните кандидати се и Англија и Бразил, кој влегува во нова ера под водство на Карло Анчелоти.

Посебно внимание привлекува Португалија, која е рангирана како шести фаворит за титулата. Причината е јасна – Кристијано Роналдо. На 41-годишна возраст, легендарниот напаѓач го игра своето веројатно последно Светско првенство и ќе се обиде да го оствари единствениот голем сон што му недостига во кариерата – светската титула.

Португалците располагаат со силен тим во кој се и Бруно Фернандеш и Бернардо Силва, па надежите за историски успех се поголеми од кога било.

Интересно е што меѓу првите десет фаворити се најдоа и Германија, Холандија, Мароко и Норвешка, која со Ерлинг Халанд и Мартин Одегард важи за потенцијално најпријатното изненадување на турнирот.

Исто така, речиси јасно е дека Македонците, како по обичај, ќе навиваат за земјите од Балканот – Босна и Херцеговина и Хрватска.

Инаку, СП ќе биде отворено во Мексико сити со натпреварот меѓу Мексико и Јужна Африка, а спектакуларната церемонија ќе биде збогатена со настапи на Шакира и Бурна Бој.

Додека милијарди љубители на фудбалот го очекуваат првиот судиски свиреж, останува да се види дали Шпанија ќе ја оправда фаворитската улога или, пак, Роналдо ќе го претвори својот последен мундијалски сон во најголемиот триумф на кариерата.

ИЗДВОЕНИ