Белгија се најде под жесток удар на критики по ремито без голови против Иран, резултат што дополнително ја комплицираше ситуацијата во групата и ги остави „црвените ѓаволи“ со само два бода по две кола.
По натпреварот, легендарниот Рој Кин не штедеше зборови во анализата на настапот на избраниците на Руди Гарсија.
- Во однос на квалитетот на играта, мислам дека беше катастрофа. Навистина, навистина лоша. Белгија имаше неколку големи шанси, но додавањата, движењето, донесувањето одлуки… сè беше многу лошо – изјави Кин.
Иако Белгијците упатија дури 22 удари кон голот на Иран, од кои седум беа во рамките на голот, не успеаја да го совладаат расположениот Алиреза Беиранванд. Иранскиот чувар на мрежата блесна со неколку фантастични интервенции и беше најзаслужен што неговата селекција освои бод.
Кин особено го издвои големото промашување на Максим де Кипер, како симбол на лошата вечер на Белгија.
- Кога пропуштаат играчите шанси од три или четири метри, каква шанса имате? Тоа промашување совршено го сумира нивниот настап. Немаше убедливост во нивната игра, немаше концентрација и правеа основни грешки. Навистина сум разочаран – кажа поранешниот капитен на Манчестер јунајтед.
Дополнителен проблем за Белгија беше исклучувањето на Натан Нгој, кој доби црвен картон по прекршокот врз Мехди Тареми.
Пристигнаа критики и од белгиската јавност. Поранешниот репрезентативец Тоби Алдервајрелд оцени дека Белгија морала да биде лидер во групата.
- Ова е најслабата група на Светското првенство и Белгија требаше да ја освои. Освен Тибо Куртоа, клучните играчи не го даваат она што се очекува од нив. Тоа е сериозен проблем и работите мора драстично да се подобрат – изјави Алдервајрелд.
Сега пред Белгија е натпреварот на вистината, против Нов Зеланд. По два разочарувачки резултати, победата е единствената опција доколку сакаат да избегнат една од најголемите сензации и елиминација уште во групната фаза на Светското првенство.











