Родиумот е најскапиот природен метал на глобалниот пазар и неговата цена надминува 325 долари за грам, изјави Михаил Гордиенко, професор на Рускиот економски универзитет „Плеханов“.
Тој изјави дека родиумот е во групата платински метали и дека неговата висока цена се должи на фактот дека нема целно рударство, туку се добива како нуспроизвод од експлоатацијата на платина и на паладиум.
Според него, влегувањето на пазарот зависи од развојот на овие наоѓалишта. Тој нагласи дека се очекува пазарот во иднина да зависи од продолжувањето на „животниот век“ на постојните рудници, проширувањето на постојните капацитети и од преработката на отпад, а не од отворањето нови, големи наоѓалишта.
Според него, околу 80 проценти од родиумот се користи во автомобилските катализатори за намалување на штетните емисии.
Податоците од Геолошкиот завод на САД покажуваат дека во Јужна Африка има 72 проценти од светските резерви на метали од платинската група, во Русија 10 проценти, а во Зимбабве осум проценти, додека другите земји имаат помалку од еден процент.












