Родителите на 13 ученици од прво до петто одделение во подрачното училиште во село Долни Балван, Општина Карбинци, се против затворањето на училиштето и од 1 септември нивните деца да ја следат наставата во соседното село Таринци.
Тие вчера доцна попладнето присуствувале на седницата на Советот на Општина Карбинци на која се усвојувал Планот и програмата за работа на општинското основно училиште „Страшо Пинџур“ во Карбинци, под кое се сите подрачни училишта во општината.
– Проблем се 13 дечиња кои се на мала возраст. Сакаат да ги префрлат од Долни Балван во Таринци, таму да учат, да патуваат и да се малтретираат по патиштата. Ние не го сакаме тоа, не сакаме тоа да се случи – вели родител.
И другите родители велат дека се загрижени за безбедноста на своите деца, но и за останатите ученици од ова село. Иако од Општината ветуваат дека ќе имаат превоз од селото до училиштето во селото Таринци, тие не веруваат дека тоа ќе се реализира.
– Решението го гледаме во свеста на советниците и на градоначалникот. Треба да се размисли што ќе се каже. Секој е родител. Нека секој се стави на наше место. Како ни е на нас? Многу е лесно да се изгласа, да се затвори. Има родители што се од нашето село, пример, шофери. Детето оставено на баба, на дедо, не дај Боже да се случи нешто, како ќе отиде таа жена да го земе тоа дете? А тука ни е блиску, во Балван – велат родителите.
Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов, е дециден дека не може училиште со број на деца надвор од законот да биде предмет на дискусија.
– Замислете, за 13 дечиња, за кои истите родители и јавноста бараат да учат во ова училиште, а кое е ризик, Општината изработи проект за реконструкција со елаборат. Училиштето треба да биде делумно урнато и реконструирано, а тие можеби се изманипулирани од други лица или можеби е вмешана политика во целиот процес, тие да учат во ова училиште – вели Паунов.
Тој нагласи дека Општината, Министерството за образование и наука и раководството на ООУ „Страшо Пинџур“ не смеат да дозволат децата да следат настава во несоодветни услови, особено што, како што посочи, во соседното населено место има ново училиште на помалку од два километри.
Притоа, истакна дека со оптимизацијата на училиштата се опфатени шест паралелки, од кои по една во селата Парналија, Калузлија и Оџалија и две паралелки во селото Долни Балван.
– Во селото Крупиште ќе продолжи да работи една паралелка со ученици од прво до петто одделение затоа што бројот изнесува 9, а законот вели комбинирана паралелка до максимум 10 ученици може да се формира. Затоа и во Долни Балван, овој број не соодветствува со овој член од законот, а далечината во соседното населено место е само два километри или помалку од два километри, така што апсолутно имаме чиста ситуација за овие дечиња да имаат можност да посетуваат настава во едни нормални, достоинствени услови во поголема група на нивни соученици – заклучи Паунов.












