понеделник, јуни 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА РКЕ решава за цените на горивата – можно задржување или мало намалување?

РКЕ решава за цените на горивата – можно задржување или мало намалување?

197

Регулаторната комисија за енергетика утре ќе донесе нова одлука за цените на горивата во Македонија, во услови на умерена осцилација на светските берзи на нафта, кои во последниов период не покажуваат јасен тренд на раст.

Според пазарните анализи, цената на нафтата од видовите брент и ВТИ во изминативе денови се движела релативно стабилно, со мали осцилации нагоре и надолу, без поголеми ценовни шокови, што не покажува дека ќе има значително поскапување на горивата.

Во вакви услови, Регулаторната комисија за енергетика ја пресметува секоја промена врз основа на седумдневниот просек на светските берзански цени и движењето на курсот на доларот, што е клучен фактор за формирање на малопродажните цени во земјата. Ако продолжи стабилноста и во последните денови од пресметковниот период, тогаш би можеле да се задржат постојните цени на горивата или да има мало покачување кај одредени нафтени деривати.

Сепак, не се исклучува зголемување на цените доколку во последниот пресметковен период се регистрира краткорочен пораст на берзите што би влијаел на конечниот просек што го користи регулаторот.

Се очекува одлуката на Регулаторната комисија за енергетика да биде соопштена утре, кога ќе биде познато дали ќе плаќаат возачите исти, пониски или повисоки цени за горивата во следните седум дена.

Според последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика, еуросупер БС-95 чини 80,5 денари за литар, еуросупер БС-98 се продава по 82,5 денари за литар, а дизелот по 94 денари за литар.

Екстра лесното масло за домаќинство чини 97 денари за литар. Во изминатиов период беа донесени повеќе мерки: намалување на ДДВ и на акцизите, како и договори за пониски набавни цени со „Окта“.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ