понеделник, јуни 15, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Рекорден број патници до 2027 година – над 4 милиони

Рекорден број патници до 2027 година – над 4 милиони

42

Авиосообраќајот во земјава бележи значителен раст и бројките потврдуваат дека има сериозен напредок во секторот. За краток период се воведени 28 нови авиолинии, што директно влијае врз зголемувањето на бројот на патници.

– Тоа е стратегија што ја работевме многу во 2024 година. Забележавме дека авиосообраќајот многу опаѓа, со број на патници од околу 2,5 милиони. Создадовме концепт што не беше лесен – разговаравме со бројни компании и ги убедувавме да ја вклучат Македонија како дестинација – вели вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски.

Според него, и покрај географските ограничувања, како што е немањето излез на море, државата успеала да ја зголеми својата атрактивност на авиомапата.

– Денес имаме 28 нови дестинации откако е избрана оваа Влада. Бројот на патници оваа година ќе надмине 3,5 милиони, а до 2027 година очекувам да надмине 4 милиони, што претставува раст од над 70 проценти – вели Николоски.

Трендот на раст е веќе видлив и во првиот квартал од годинава – скопскиот аеродром бележи зголемување од 30 проценти, додека охридскиот аеродром има раст од 20 проценти во споредба со тој период лани. Николоски најави дека се очекува дополнителен импулс по завршувањето на надградбата и реконструкцијата на охридскиот аеродром.

– Со завршувањето на реконструкцијата, очекуваме уште поголем раст, особено во туристичкиот сегмент – додава Николоски.

Овие податоци, како што посочи вицепремиерот, се дел од поширока стратегија за економски развој и за подобрување на поврзаноста на државава со европските и со светските дестинации.

 

ИЗДВОЕНИ