Министерството за здрасвтво не е носител на авторските права над поимот „Мој Термин“, туку тие права ги контролира приватен економски оператор, утврдија државните ревозири при контролата која имала за цел да ја вид успешноста на системот„Мој Термин”. Целта на проверката била да се даде одговор на прашањето „Дали системот „Мој Термин“ придонел за оптимизација на здравствените процеси и подобрување на квалитетот на здравствените услуги?“.
– Со ревизијата е утврдено дека Управата за електронско здравство, иако е надлежна за развој и надградба на интегрираниот здравствен информатички систем, нема ингеренции за спроведување јавни набавки поврзани со „Мој Термин“. Исто така, поимот „Мој Термин“ не е регистриран и правно заштитен од надлежните институции, туку од економски оператор со кој Министерството за здравство склучува договори за одржување на системот. Ова значи дека Министерството не е носител на авторските права над поимот „Мој Термин“, туку тие права ги контролира приватен економски оператор и постои ризик од спорови за интелектуална сопственост на „Мој Термин“ – се наведува во денес објавениот извештај на ДЗР.
Утврдено е дека економскиот оператор кој го одржува Националниот систем за електронски евиденции во здравството во 2024 година го регистрирал поимот „Мој Термин“ во Државен завод за индустриска сопственост.
Во извештајот се наведува дека „Мој Термин“ е без континуирано одржување речиси 38 отсто од времето, со сериозни ризици за управувањето и безбедноста. За одржување на системот и поврзаните информациски системи во ЈЗУ се склучени договори во вредност од 333,3 милиони денари односно 5.418,887 евра. Истовремено, Управата за електронско здравство има само 29 проценти пополнетост на предвидените работни места, а со ревизијата се утврдени и слабости во ИТ-безбедноста, заштитата на личните и медицинските податоци и обезбедувањето континуитет и стабилност на системот.
– Во периодот од 01.01.2021 до 30.04.2026 година, системот „Мој Термин“ не бил покриен со договори за одржување вкупно 738 дена, што претставува 37,9% од анализираниот период. Договорите за одржување се склучувале на годишно ниво, без обезбедување на континуитет. Во истиот период, за одржување на „Мој Термин“ и поврзаните системи кај ЈЗУ се вложени 333,3 милиони денари (5,42 милиони евра), при што само 9 отсто од средствата се однесуваат на националниот здравствен информатички систем, а 91 процент на други системи во јавното здравство. Притоа, со анализата не се опфатени трошоците за апликативните софтвери и нивното одржување што ги користат матичните лекари и приватните здравствени установи. Утврдено е дека 48 отсто од вкупните вложувања кај ЈЗУ кои користат други информациски системи се концентрирани кај три софтверски компании, што упатува на зголемен ризик од концентрација и ограничена конкуренција – наведуваат државните ревозори.
Преку посета на лице место, утврдено е отсуството на листите на закажани прегледи кај одредени јавни здравствени установи. Ваквите постапки овозможуваат ризик лица без закажани термини за преглед, користејќи ги приоритетните упати без термин и итните упати, да бидат услужени пред пациентите кои имаат уредно закажани термини и за кои чекаат подолг временски период.
-Врз основа на анализата на податоците од СМС системот на Мој Термин и анализата на реализирани упати, само во ГОБ 8ми Септември – Скопје, во периодот од 01.01.2026 до 30.04.2026 година, утврдено е дека бројот на доставени СМС пораки за потсетување на закажан термин е драстично помал од вкупниот број на реализирани упати односно претставува само 10,1 отсто. Направена е и анализа на јавно достапните податоци за реализираните хируршки зафати (операции), достапни на интернет страницата на Министерството за здравство во периодот од 2021 до 2025 година. Од анализата произлегува дека од страна на ГОБ 8-ми септември во системот „Мој Термин“ не се евидентираат хируршки интервенции, иако е една од нај оптеретените болници во државата – се потенцира во извештајот.
Посебни слабости се утврдени во областа на ИТ безбедноста и заштитата на личните податоци. Ревизијата предупредуваат дека паралелно со овој Националниот систем за електронски евиденции во здравството, во употреба се и повеќе приватни дигитални платформи и портали: “моЕ-здравје“, “Мој лекар“ и “мои доктори“. Преку овие веб апликации и портали се овозможува пристап до медицински податоци од одредени приватни здравствени установи, комуникација меѓу пациенти и лекари и дополнителни здравствени услуги надвор од националниот систем. Дел од овие портали користат слични имиња и концепти како официјалниот државен систем „Мое здравје“, што може да предизвика забуна кај населението и пациентите во однос на тоа кој систем е официјален, како и во однос на нивната доверливост. Порталот „моЕ-здравје“ наведува дека партнери на овој портал се и: Мој Термин, ФЗОРСМ и Здружението на приватни лекари на Република Македонија. (Б.Ѓ.)












