понеделник, јули 13, 2026
Дома LIFE РЕПОРТАЖА: „Малта – островот на светлината и на ветрот, ветена земја за...

РЕПОРТАЖА: „Малта – островот на светлината и на ветрот, ветена земја за многу Македонци 

4356
Сонце речиси цела година, тиркизно море, ветер што никогаш не мирува и живот во кој различностите се прифаќаат природно — Малта одамна не е само туристичка дестинација, туку нов дом за илјадници луѓе од целиот свет, меѓу нив и многу Македонци. За нив, Малта е многу повеќе од разгледница. Таа е место каде што се доаѓа по работа, по сигурност, по нов почеток. Остров што нуди европски живот со медитеранска душа. Утрото во Валета започнува бавно. Мирисот на свежо кафе се меша со солениот морски воздух, а тесните камени улици постепено се полнат со луѓе од сите страни на светот. Некој брза на работа, друг мирно појадува „пастици“ во мало локално кафуле, додека туристите веќе ги фотографираат старите балкони и портите обоени во коралноцрвена, кралскозелена, небесносина боја

 

 

Елизабета АРСОСКА

Светот што го знаеме, велат, е полн со светови што не ги знаеме. И токму затоа, секое патување прво не остава без зборови, а потоа не претвора во раскажувач на приказни. А Малта е токму малиот остров од каде што се враќате со големи приказни. Распослана среде синото пространство на Медитеранот, каде што се чини дека времето тече бавно, а животот има вкус на вино, сол и ветер, овој остров ве освојува на прв поглед.

Прошетките низ камените градови со медена боја, тесните улички полни со живот и надвиснатите филигрански балкони, портите обоени во коралноцрвена, небесносина, кралскозелена боја, патувањето со рибарско бротче или траект… прават недоумица дали да се ужива со широко отворени очи или да се фотографира моментот, за никогаш да се заборави. За среќа, на нашето патување имавме одлична придружба, нашиот туристички водич Константина, која низ секој град, низ секое место, нè водеше како низ приказна, за да ја запаметиме и Малта да ја доживееме со срце.

Она што го прави посебен овој остров е необичниот спој на древна историја и современ живот. Новите згради внимателно се вклопуваат во традиционалната архитектура, па островот, и покрај забрзаната градба, успева да го зачува автентичниот изглед. Впечатокот е дека туризмот тука не е само стопанска гранка, туку начин на живот. На улиците ќе слушнете десетици јазици, а токму таа разновидност создава чувство дека островот им припаѓа на сите. Многумина велат дека ова е место каде што никој не ве прашува од каде сте, туку што знаете и колку сте подготвени да работите. Хотелите, рестораните, казината, јазичните школи, ИТ-компаниите и туристичките агенции постојано бараат работници, па затоа Малта со години е привлечна за економски мигранти од Балканот, Азија и Африка.

И за голем број Македонци, Малта не е само туристичка разгледница туку „ветена земја“, место каде што се бара подобар живот, сигурна работа и нов почеток. Во последните години, оваа мала островска држава стана симбол за добра заработувачка, спокоен живот и шанса за европска иднина. На автобуските постојки, во препознатливите жолти автобуси кои постојано се движат од едниот до другиот крај на островот, често може да се слушне македонски јазик. „Тука животот е брз, но некако полесен“, „Работа има, луѓето се навикнати на странци, а морето прави секој ден да изгледа помалку тежок“, „Дојдов тука од Прилеп, се заљубив и се оженив, па ги повлеков и сестра ми, брат ми и родителите. Сите работиме во угостителство како и таму долу, па наскоро ќе отвориме и сопствена кафеана“, раскажуваат Македонци што со години живеат таму и се радуваат кога ќе слушнат дека некој зборува на македонски јазик.

Европска елеганција, ориентална мистичност и британска организираност

На Малта, прво што ве пречекува е светлината. Златна, топла, медитеранска светлина што ги милува камените фасади, старите тврдини и морските карпи. Потоа, ветерот – немирен, разигран и постојано присутен, како домаќин на островот. Ветер што не дозволува долго да се задржи совршена фризура. Колку и да ја наместите косата наутро, морскиот ветер веќе попладне ќе создаде сопствена „уметничка верзија“.

Всушност, климата е уште една причина поради која луѓето лесно се вљубуваат во Малта. Зимите се благи, а летата долги и сончеви. Со повеќе од 300 сончеви денови годишно, островот изгледа како вечна разгледница. Составена е од неколку острови, од кои најголеми се Малта, Гозо и Комино. Се простира на површина од околу 316 квадратни километри, што ја прави една од најмалите држави во Европа, но и една од најгусто населените. Во неа денеска живеат околу половина милион жители, од кои околу 200 илјади се населени од короната досега, а бројот постојано расте поради големиот прилив на странци, туристи и економски мигранти.

Оваа островска земја, сместена меѓу Италија и Северна Африка, отсекогаш била крстопат на цивилизации. Низ вековите, тука поминувале Феничани, Римјани, Арапи, Нормани, Французи и Британци, а секој народ оставил дел од својот дух во архитектурата, јазикот и културата.

Токму затоа, Малта денес изгледа како жива енциклопедија на Медитеранот. Во неа истовремено се чувствуваат европска елеганција, ориентална мистичност и британска организираност. Официјални јазици се малтешкиот и англискиот: Најголемиот дел од населението е католичко, иако денешна Малта е пример за модерно и отворено општество.

Остров каде што сонцето, морето и различностите живеат во хармонија

Убавината на Малта е во нејзината исклучителна отвореност кон различностите. Во последните години, државата стана една од најпрогресивните во Европа кога станува збор за ЛГБТ-правата. На улиците слободно ќе видите луѓе од различни националности, култури и животни стилови, а токму таа космополитска атмосфера е причината многумина да се чувствуваат прифатени.  Дополнително, Малта е вистински рај и за љубителите на животни. Островот е познат како „пет френдли“ држава – кафулиња, паркови, па дури и дел од плажите се приспособени и за домашни миленици. Не е реткост да видите луѓе како пијат утринско кафе со своите кучиња покрај морето, додека мачките мирно се сончаат по старите камени скали. Честопати, по уличките ќе сретнете невообичаени патокази со предупредување за внимание дека поминуваат мачки или ежиња, на пример.

Држава на УНЕСКО

Посебна приказна е архитектурата. Голем дел од Малта е под заштита на УНЕСКО, а тоа значи дека новите градби мора внимателно да се вклопуваат во историскиот изглед на островот. Старите камени фасади, балконите во живи бои и тесните улици не смеат да бидат нарушени со модерни облакодери и агресивна архитектура. Токму затоа, Малта успева да го зачува својот автентичен медитерански дух, без разлика што секоја година прима илјадници нови жители и туристи.

Еден од првите детали што им паѓа во очи на посетителите се необичните дрвени балкони и вратите во силни бои, кои станале вистински заштитен знак на островот.

Низ старите улици на Валета, Мдина и Рабат речиси секоја куќа изгледа како мало уметничко дело. Масивните дрвени врати се обоени во тиркизна, зелена, жолта, црвена или кралскосина боја, додека затворените балкони висат над тесните камени улици како украс останат од некое друго, дамнешно време.

Токму тие балкони се едно од најпрепознатливите обележја на малтешката архитектура. Освен што изгледаат романтично и фотогенично, тие некогаш им служеле на семејствата да го набљудуваат животот на улицата без да излегуваат од домот, но и како заштита од силното сонце и ветерот.

Традиција што се чувствува и во храната

Малта е место каде што морето и каменот раскажуваат приказни, каде што ветерот никогаш не мирува и ги дразни ноздрите носејќи ги мирисите на медитеранските вкусови и арапски зачини на малтешката кујна. Таму храната не е само оброк, туку дел од секојдневната култура и дружба. Мирисот на свежо печен леб, маслиново масло, риба и зачини се чувствува речиси на секоја улица. Посебен ритуал претставува вечерата на терасите покрај море, каде што храната е повод луѓето да седнат заедно и да разговараат со часови.

Најпознат специјалитет е „пастици“ – пециво во вид на кроасан полно со рикота сирење или грашок, кое локалците го јадат за појадок или ужина. Тука е и традиционалното зајачко месо на илјадници начини, кое се смета за национално јадење, свежа октопод салата, школки, туна и морски плодови уловени истиот ден.

Од пијалаците, Малта е препознатлива по домашните вина, по локалното пиво „циск“, но и по освежителниот безалкохолен пијалак „кини“, направен од горчливи портокали и ароматични билки, вкус што или веднаш ќе го засакате, или никогаш нема да го разберете. Инаку, големо влијание има и италијанската кујна, но со малтешки вкус. Така, овде може да се добие пица со невообичаени комбинации, со морски плодови и со компир, на пример.

Градови и места што ја откриваат душата

Главниот град Валета е мал, но величествен. Едноставно, музеј под отворено небо. Името го добил по нејзиниот основач, почитуваниот Голем мајстор на Орденот на свети Јован, Жан де ла Валет. Градот изгледа како филмска сцена – со златни камени фасади, дрвени балкони во боја и поглед кон бескрајното море. Секој чекор таму води покрај палати, катедрали и мали кафулиња полни со туристи и локалци. Ноќе, Валета добива сосема поинаква магија. Светлата се рефлектираат во камените улици, а од малите барови скриени меѓу старите бедеми, доаѓа музика.

Мдина е срцето на старата Малта. Град без метеж, без брзина и речиси без автомобили. Го нарекуваат „тивкиот град“ бидејќи таму времето како да запрело. Кога ќе поминете низ камените порти, имате чувство дека сте влегле во среден век. Тесни улици, високи бедеми и жолт камен што свети под сончевите зраци. Мдина е место каде тишината има посебна убавина.

Веднаш до Мдина се наоѓа Рабат — поопуштен и пожив град, исполнет со мали ресторани, локални продавници и автентична малтешка атмосфера. Таму туристите најчесто ја чувствуваат вистинската секојдневна Малта, далеку од луксузните разгледници.

Буџиба е омилен меѓу младите и странските работници. Полн со хотели, барови, ноќен живот и долги шеталишта покрај море, таа е динамична и жива во текот на целата година.

 

На северот од островот се наоѓа познатото „Село на Попај“, изградено како филмска сценографија за филмот со Робин Вилијамс. Денес тоа е една од најпосетуваните атракции — шарени дрвени куќички покрај тиркизно море, место што изгледа како цртан филм оживеан во реалноста. Во педесеттите години, ова село настрадало од силен пожар, но по иницијатива на локалното население, тоа било повторно изградено според автентичната архитектура. Туристичките водичи го препорачуваат селото на Попај како интересно за туристи со мали деца, а истовремено, за возрасните, го нудат градот Мелеиха, познат по најубавите песочни плажи. За разлика од карпестиот дел на островот, тука морето е помирно, а атмосферата поспокојна. Мелеиха беј е плажа е идеална за семејства. Морето е плитко и мирно, а долгата песочна линија нуди доволно простор и во екот на сезоната.

Плажите на Малта изгледаат како разгледници од тропски дестинации. Тиркизната вода, белите карпи и кристално чистото море се причината поради која милиони туристи секоја година се вљубуваат во островот.

Едно од најнезаборавните доживувања во Малта е патувањето со мал брод низ познатата Блу Грото – природна морска пештера што со тиркизниот отсјај на морето изгледа како сцена од научнофантастичен филм. Уште од далечина, високите карпи што се издигнуваат над морето оставаат без здив. Но, вистинската магија почнува кога малите традиционални чамци ќе влезат под камените сводови на пештерата. Морето одеднаш добива неверојатна тиркизна и смарагдна боја, а сончевите зраци создаваат светлосни рефлексии што танцуваат по ѕидовите на карпите. Водата е толку проѕирна што понекогаш изгледа како бродот да лебди во воздух. Туристите најчесто молчат во тие моменти — не затоа што немаат што да кажат, туку затоа што природата таму зборува сама. Локалците што нè возеа низ пештерите раскажуваат дека секое утро морето има различна нијанса на сино, зависно од сонцето и ветрот. Велат дека токму зато, секое патување низ Блу Грото изгледа уникатно.

Биржебуга е помалку туристички, но многу автентичен град. Таму сè уште може да се почувствува локалниот начин на живот — рибарски чамци, утрински пазари и луѓе што се познаваат меѓусебно.

Марсашлок е можеби најфотографираното место во Малта. Тоа е рибарското срце на островот, каде што денот почнува уште пред изгрејсонце. Рибарите ги подготвуваат своите шарени чамци, а пазарот мириса на свежа риба, лимон и зачини. Таму времето како да се движи побавно, далеку од туристичката бучава. Во рестораните наредени како ѓердан покрај пристаништето се нудат риба и морски плодови штотуку уловени од морето. По вкусниот ручек, следува купување на уникатни, рачно изработени сувенири.

Во Малта постои и познато занаетчиско село, каде што локалните мајстори и денес рачно изработуваат стакло, керамика, филигран и накит. Во време на масовно производство, тоа место изгледа како потсетник дека рачната работа и традицијата сè уште имаат вредност. Таму туристите не купуваат само сувенири — туку делче од малтешката душа.

 

Гозо – спокојната и автентична страна на Малта

Гозо е вториот голем остров и место каде што животот тече побавно. Позелен, помирен и потрадиционален од главниот остров, Гозо е омилен кај луѓето што сакаат мир и природа. Овој остров е автентичен и по населението и по навиките. Таму единствени странци се туристите, а домородното население не е многу отворено за странци како на Малта. Главниот град Викторија, познат и како Рабат на Гозо, е мал, романтичен град со стара цитадела од која се гледа целиот остров. Таму човек лесно заборава на времето.

Сè на сè, Малта е навистина туристичка дестинација која би требало секој да ја има на својот список на желби за патувања.

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ