„Реплек АД Скопје“ бележи значителен пораст на домашниот пазар во првото полугодие од 2026 година, при што приходите од продажба во овој сегмент се зголемени за 24 % во однос на истиот период лани. Овој резултат, како што соопштува компанијата, претставува клучен двигател на вкупните деловни перформанси во првите шест месеци од годинава.
Во периодот јануари – јуни 2026 година, „Реплек“ остварил вкупни приходи од продажба во фармацевтскиот сегмент во износ од 13,9 милиони евра. Од нив, 4,8 милиони евра се реализирани на домашниот пазар, додека 9,1 милиони евра се остварени преку извозните пазари.
Податоците покажуваат дека учеството на домашниот пазар во структурата на вкупните приходи се зголемило на 35 %, што укажува на засилување на домашната пазарна позиција на компанијата и на зголеменото влијание на локалниот сегмент во вкупното портфолио.
Генералниот директор Душан Пецовски, оцени дека остварените резултати се потврда за стратешката насоченост на компанијата и инвестициите во развој на производното портфолио.
– Континуираниот пораст на домашниот пазар е јасна потврда дека нашата стратегија дава конкретни резултати. Особено охрабрува фактот што трендот се интензивира во вториот квартал. Воедно, остануваме посветени и на зајакнување на присуството на странските пазари – изјави Пецовски.
Во делот на извозот, компанијата бележи изменета динамика на испораки, условена од временски поместувања кај одредени партнерски канали. Како значајна стратешка пресвртница во првото полугодие се издвојува и првиот извоз на пазарот во Велика Британија, што од „Реплек“ го оценуваат како потврда за способноста на компанијата да настапува на високорегулирани фармацевтски пазари. Во тек е и изградбата на нов производствен погон за полуцврсти и течни фармацевтски форми, кој се оценува како една од клучните инвестиции во овој период.












