– Основна цел во рехабилитациските постапки по вградувањето тотална ендопротеза на зглобот на коленото е повторно воспоставување на максимално можната функција на коленото, односно да се постигне целосен обем на движење, дополнето со доволно јака мускулатура и со намалување или комплетно губење на болката во коленото – вели физиотерапевтот Илија Жежов
Индикациите за оперативен зафат, реконструкција и замена на зглобот на коленото со ендопротеза претставуваат сите патолошки состојби што доведуваат до оштетување на зглобните елементи на коленото. Како главни индикации се јавуваат болка што перзистира и покрај примената на конзервативен третман, афекција на зглобот на коленото кај ревматолошките болести, пострауматски состојби или присуство на неоплазми. Ограничените движења, перзистентната болка во коленото, контрактурата или неподвижноста и тешкотиите во нормалното функционирање во секојдневниот живот се најважниот индикатор за примена на оваа метода на лекување.
Оперативното лекување се состои од примена на софистицирани хируршки техники со кои на местото на оштетеното коскено и `рскавично ткиво на фемурот и тибијата се поставува протетски имплант со специфична големина што одговара за секој пациент индивидуално.
Основна цел во рехабилитациските постапки по вградувањето тотална ендопротеза на зглобот на коленото е повторно воспоставување на максимално можната функција на коленото, односно да се постигне полн обем на движење, дополнето со доволно јака мускулатура и со намалување или комплетно губење на болката во коленото.

Иако спроведувањето на планот на рехабилитација претставува континуиран процес, сепак од практични причини може да се подели во следниве три етапи:
- предоперативна рехабилитација;
- рана постоперативна рехабилитација;
- продолжена рехабилитација.
Предоперативната рехабилитација се спроведува преку примена на вежби за дишење, статички контракции за мускулатурата на натколеницата, вежби за зголемување на обемот на движење во коленото, вежби за одење со помош на помагало.
Раната постоперативна рехабилитација се спроведува на ортопедските клиники, непосредно по спроведувањето на оперативниот зафат.
Третата фаза на продолжена рехабилитација се спроведува во специјализираните центри за физиотерапија.
Во оваа фаза на рехабилитација, применуваме кинезитерапија вежби, кои се интензивираат со примена на вежби за зголемување на мускулната сила и вежби за зголемување на обемот на движења.
Воедно, во протоколот за рехабилитација на ендопротеза може да вклучуваме и хидрокинезитерапија.
Термоминералната вода со својот изразен аналгетски ефект го олеснува движењето и воедно дава отпор, со што се подобрува мускулната сила и се постигнува поголем обем на движење. Во топлата минерална вода, пациентите ги изведуваат вежбите многу полесно отколку на суво, што доведува до зголемување на самодовербата и на позитивниот став на пациентите кон самиот план на рехабилитација и доведува до постигнување поголем успех.
Влијанието на хидрокинезитерапијата, која во рехабилитацијата на ендопротезата на коленото се изведува во топла минерална бања, е големо и забрзано делува за враќање на загубената функција на зглобот и овозможува воспоставување повторно безболен од и нормална функција на коленото, намалување на мускулниот спазам и совладување на контрактурите во зафатеното колено.
Искуствата и добиените резултати во рехабилитацијата на пациентите по вградена ендопротеза на коленото во центрите за физикална терапија се охрабрувачки и се должат на долгогодишно искуство на самите физиотерапевти.
Ова укажува од неопходноста за започнување со ран рехабилитационен третман. Секое негово одложување претставува ризик од појава на придружни компликации, пред сè контрактури и деформитети во оперираното колено и отежнато оспособување за изведување на секојдневните активности.
Рехабилитацијата кај оваа состојба треба да трае од 15 до 21 ден физикална терапија, со можност за продолжување од плус 10 третмани.
(Автор на текстот е и специјалист по здравствен фитнес. Ординација за физиотерапија ФИЗИОТЕРАПЕВТ – ЗДРАВЈЕ Гостивар.)












