Не се вистинити тврдењата дека нам постојано ни недостигаат некои документи потребни за судска регистрација, бидејќи секогаш доставуваме комплетни документи. Проблем е што надлежните бугарски органи постојано измислуваат дека се потребни нови и нови, реагира Стојко Стојков, копретседател на организацијата на Македонците во Бугарија ОМО „Илинден“ – Пирин. Тој, за весникот ВЕЧЕР, реагира на изјавата на актуелната бугарска претседателка, Илијана Јотова, која вчера изјави дека проблемот со нерегистрирањето на оваа македонска организација во Бугарија е во тоа што таа доставува некомплетни документи. Јотова се сретнала со генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе, при што станало збор и за спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во полза на Обединетата македонска организација „Илинден“.
– Втората тема беше, се разбира, за движењето на досието ОМО „Илинден“ и многу се надеваме дека на една од наредните седници ќе заврши таа сага. Се разбира, го потцртав бугарскиот став за да чуе тој (Берсе) од прва рака дека ние сме ги спровеле сите нивни препораки до овој момент. Го променивме законот заедно со Агенцијата за регистрација за да можат да се регистрираат таму. За жал, тие секојпат пропуштаат по некој документ – изјави Јотова пред новинарите во Стразбур.
Но, за копретседателот на ОМО „Илинден“ – Пирин, Стојков, ваквото тврдење не одговара на состојбата.
– Тоа е комплетна невистина. Кога поднесуваме документи, ние ги поднесуваме по урнекот на документите на регистрирани организации препорачани од бугарските власти како перфектни. Целите се различни. И кога ќе поднесеме ние документи, наеднаш судот наоѓа десетици проблеми што не ги видел порано. Судовите на секое ниво даваат различни забелешки. Различни судови во различни делови на земјата даваат различни забелешки и ако постапиме по нив, наоѓаат нови – наведува Стојков.
На нашето прашање дали, по изјавата на Јотова, може да се очекува на оваа организација на Македонците во Бугарија јасно и, конечно, да ѝ се каже кои документи недостигаат, Стојков е скептик.
– Проблем е што нема такво нешто, сето го исполнуваме, но тие само си измислуваат. Треба да запрат да го нарушуваат законот и да нè регистрираат – потенцира Стојков.
Проблемот со нерегистрирањето на оваа и на повеќе други организации на Македонците во Бугарија е еден од сериозните и крупни во меѓусебните односи на Македонија и на Бугарија. Македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, редовно го акцентира фактот дека Бугарија одбива да спроведе најмалку 14 пресуди на Меѓународниот судот за човекови права во Стразбур. Овие пресуди се однесуваат на кршење на правото на слобода на здружување и мирно собирање на Македонците во Бугарија, поконкретно за регистрација на Здружението ОМО „Илинден“ – Пирин. Премиерот потенцира дека е непринципиелно Бугарија да се повикува на човековите права и да бара уставни измени од Македонија, додека самата игнорира 14 пресуди од Стразбур, кои ѝ стојат „на биро“ и претставуваат меѓународна обврска на Софија утврдена од самиот Суд во Стразбур.
Јотова, пак, изјави дека исклучително многу се користи оваа тема против Бугарија.
– Се обидуваат да вклучат и текстови во резолуцијата за напредокот на Република Северна Македонија, кога станува збор за евентуални спорови со Бугарија. Ние го негираме тоа, прво, зашто нема билатерален спор, тие, едноставно, не ја почитуваат политиката на францускиот компромис што беше постигнат. Од друга страна, треба да ни биде јасно дека треба да бидат завршени овие тековни досиеја, зашто не е добро тоа за сликата на земјата – нагласи Јотова.
Европскиот суд за човекови права во повеќе наврати утврдуваше повреди на правото на слобода на здружување и мирно собирање во случаите поврзани со ОМО „Илинден“ и ОМО „Илинден“ – Пирин. Меѓу позначајните се пресудите од 2005 и од 2006 година, како и серијата од 2011 година, кога утврди Судот дека бугарските власти неоправдано одбивале регистрација на Здружението и забранувале собири на неговите симпатизери. Во 2017 година, во предметот „ОМО Илинден и други против Бугарија (бр. 3)“, Судот повторно утврди повреда на членот 11 од Конвенцијата поради одбивањето на регистрацијата. Сепак, пресудите не доведоа до трајна регистрација на Организацијата – и по нив бугарските судови во одделни постапки повторно одбиваа регистрација, па спорот за статусот на ОМО „Илинден“ продолжи.
Инаку, познато е Бугарија, со 89 пресуди на Европскиот суд, е меѓу земјите во кои најдолго се чека за спроведување на пресудите. Во бројни меѓународни извештаи се наведува дека официјалните органи одбиваат да регистрираат здруженија чија цел е да се постигне признавање и заштита на интересите на македонското малцинство во Бугарија. Постојат неколку барања за регистрација на ОМО „Илинден“ што биле одбиени. Одбивањата на Агенцијата за регистрирање се објаснети со зборовите дека „целите сугерираат волја за негување различен национален идентитет кај дел од бугарското население“, а со тоа биле насочени кон поделба на нацијата, создавајќи предуслови за тензии врз основа на етничката основа и го загрозуваат територијалниот интегритет на земјата. Или дека целите на ОМО „Илинден“ не соодветствуваат со приватно здружение. Биле одбиени и барањата за регистрација на Здружението „Репресирани Македонци жртви на комунистичкиот терор“, поради наводни пропусти во Статутот. Во 2021 година, била одбиена регистрацијата на Македонскиот клуб за етничка толеранција во Бугарија, како и на македонски културен клуб „Никола Вапцаров” во Благоевград, во 2023 година. (Б. Ѓ.)












