– Веќе почнав да ги подготвувам моите следни проекти и изложби за 2027 година. Во уметничка смисла, неодамна почнав да работам на платна со поголеми димензии, што ми отвора нови можности за истражување на мојата креативност, боите и композициите. Возбудена сум поради ова и сакам да продолжам да се предизвикувам себеси, да експериментирам со нови идеи и да се развивам како уметник. Мојата цел не е само да продолжам да сликам туку и да изградам одржлива уметничка кариера и да ја споделам мојата работа со поширока публика – вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР Леа Чолиќ, нашинка што живее во Франција и чија долгогодишна љубов кон уметноста ѝ отворила нови хоризонти во животот

Леа Чолиќ е Македонка што долги години живее во странство. Иако дипломиран македонист, таа од пред неколку години почнала да ја следи својата страст кон сликањето. Чолиќ, која е родена во Демир Капија, во изминатите десет години живеела во Канада, а работела на Универзитетот во Ванкувер, на академска и програмска координација, за поддршка на студенти, професори и на различни универзитетски програми. Но, нејзината долгогодишна љубов кон уметноста ѝ поставила сосема поинаква насока на нејзиниот професионален пат. Како што вели во разговорот за весникот ВЕЧЕР, сликарството што ѝ претставувало желба од мали нозе, ѝ отворило нови хоризонти во животот.

– Покрај мојата професионална кариера, отсекогаш имав страст кон сликањето. Уметноста е важен дел од мојот живот уште од најмала возраст. Во последните три години, покрај работата со полно работно време, почнав да им посветувам сè повеќе од моето слободно време на сликањето и на развивањето на мојот уметнички израз. Тоа ме доведе до мојата прва изложба во Ванкувер, што, за мене, претставуваше важен и значаен момент. Неодамна се преселив во Лион, Франција. Оваа промена, пак, ми даде можност да размислам што навистина сакам да следам во следната фаза од мојот живот. И одлучив да посветам повеќе време и енергија на она што отсекогаш најмногу го сакав – уметноста и сликањето – вели Чолиќ.

Истакнува дека во март годинава ја реализирала својата прва уметничка изложба во Лион, заедно со уште 42 уметници.

– За мене беше прекрасно искуство да бидам дел од група уметници и заеднички да учествуваме во подготовката и во организацијата на изложбата. На изложбата претставив околу 30 слики, а настанот го посетија повеќе од 1.000 љубители на уметноста и на сликањето. Мојата најголема инспирација потекнува од прекрасната природа во Канада. Во текот на десетте години што ги поминав таму, имав можност да доживеам некои од најимпресивните планини, шуми и природни пејзажи. Промената на годишните времиња, нивните бои и атмосферата постојано ме инспирираат и ми даваат нови идеи за моето творештво. Најмногу ме инспирираат планините, дрвјата и цвеќињата – посочува Чолиќ.

Вели и дека токму овие мотиви сака да бидат во фокусот на нејзината понатамошна работа.

– Преку нив сакам да ги пренесам убавината на природата, нејзината енергија и чувството што го буди во мене – истакнува Чолиќ.

Додава дека на својата втора уметничка изложба, која се одржала во српската црква во Лион, имала можност да се претстави со повеќе дела.

– Изложив околу 40 слики со различни мотиви, бои и големина на платна. Изложбата привлече голем број посетители и бев многу задоволна од позитивните реакции на публиката. Посетителите особено ги ценеа светлите и живописни бои, како и различните големини на платната, кои создадоа динамична и визуелно интересна поставка. Оваа беше многу значајно искуство за мене, како на личен така и на уметнички план. Особено ме радуваше што се поврзаа луѓето со моите слики и позитивно реагираа на начинот на кој ги користам боите и мотивите инспирирани од природата. Во текот на изложбата, продадов 11 слики, што, за мене, претставуваше важен чекор во мојот уметнички развој и ми даде дополнителна мотивација и самодоверба да продолжам да ја развивам мојата уметничка кариера – вели Чолиќ.

Прашана за почетоците и за инспирацијата, таа вели уште од најмала возраст уживала да експериментира со боите.

– Отсекогаш сум го сакала сликањето. Кога бев во основно училиште, мојот прв наставник по ликовна уметност, Ѓорѓи Стоевски, беше еден од моите најголеми поддржувачи. Тој секогаш ја поттикнуваше мојата креативност и особено го ценеше начинот на кој ги комбинирав боите во моите слики. Во тој период, најмногу сликав цвеќиња, кои беа меѓу моите омилени мотиви. Учествував и на неколку училишни ликовни изложби и добив признанија за мојата работа (наградите беа книги). Мојата страст кон сликањето остана присутна во текот на сите овие години. Денес, особено уживам да работам со акрилни бои, бидејќи ми овозможуваат слободно да експериментирам со живописни бои, текстури и различни техники – додава таа.

Истакнува дека во моментов му е посветена на понатамошното развивање на својата страст кон сликањето.

– Создавањето уметност ми носи голема среќа и исполнетост и сакам да ја градам мојата иднина околу нешто што навистина го сакам. Веќе почнав да ги подготвувам моите следни проекти и изложби за 2027 година. До крајот на оваа година, планирам да учествувам на уште една уметничка изложба. За 2027 година, во моментов ги организирам датумите и правам подготовки за неколку изложби во Македонија, Србија, Канада и во Лион. Во уметничка смисла, неодамна почнав да работам на платна со поголеми димензии, што ми отвора нови можности за истражување на мојата креативност, боите и композициите. Возбудена сум поради ова и сакам да продолжам да се предизвикувам себеси, да експериментирам со нови идеи и да се развивам како уметник. Мојата цел не е само да продолжам да сликам туку и да изградам одржлива уметничка кариера и да ја споделам мојата работа со поширока публика. Решена сум да продолжам да учам, да создавам и постојано да го развивам мојот уметнички пат – додава нашата сонародничка, чија уметност се родила од нејзината страст за сликањето што траела со години, но и од инспирација од природата. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ