Украинските антикорупциски агенции почнаа истрага за неколку пратеници и претседателски советници, зголемувајќи го притисокот врз претседателот Володимир Зеленски. Истовремено, разрешениот украински министер за одбрана, Михаил Федоров, повика на воени претседателски избори, што се смета за најголем предизвик за украинскиот претседател од целосната инвазија на Русија пред четири и пол години
Антикорупциските агенции НАБУ и САПО не дадоа дополнителни детали за истрагите, но нивното соопштение беше објавено само неколку часа пред гласањето во парламентот за новиот министер за одбрана, Јевген Камара, кариерен разузнавачки службеник со низок политички профил, назначен откако Зеленски го смени неговиот претходник Михаил Федоров, објави британски „Гардијан“. Но, „Киев индепендент“ јави дека агенти на НАБУ ги претресуваат канцелариите на Ирина Мудра, заменик-шеф на Кабинетот на Зеленски, и на парламентарниот претставник Вадим Столар, повикувајќи се на полициски извор запознаен со истрагата. НАБУ само објави дека „спроведуваат специјална операција со цел разоткривање криминална организација наводно предводена од сегашен и поранешен украински парламентарен претставник, а во која се вклучени и високи функционери од Кабинетот на претседателот“.
Уште во декември, НАБУ поднесе обвиненија против пет претставници на партијата „Слуга на народот“ на претседателот Зеленски, обвинувајќи ги дека примале пари во замена за гласови во парламентот. Истиот месец, истражителите ги претресоа просториите на помошникот на Давид Арахамија, шеф на парламентарниот клуб на партијата „Слуга на народот“, откри полициски извор за „Киев индепендент“ во април. „Украинска правда“, пак, повикувајќи се на свои извори, минатиот месец објави дека претходно НАБУ добила судски налози со кои ѝ е дозволено да земе биолошки примероци од асистентите на Арахамија, како дел од истрагата за сомнителни плаќања во готово на пратениците.
На објавата на антикорупционерите, доцна во вторникот, претходеше видео на поранешниот министер за одбрана Федоров, чија нагла смена во јули, само шест месеци по назначувањето, предизвика бран демонстрации во Украина. Во видеото објавено на „Јутјуб“, тој повика на воени претседателски избори.
–Демократијата не може да биде заложник на Русија… Затоа, мора да најдеме легален, безбеден и реалистичен механизам што ќе ѝ овозможи на Украина да го обнови целосниот демократски процес дури и во средината на долготрајна војна“, рече тој во видеото во кое не го спомена името на Зеленски.
Федоров, исто така, ја осуди „системската криза во управувањето“, критикувајќи ги владините институции за бавност, отпор кон промени и култура која „понекогаш ја фаворизира лојалноста пред ефикасноста“. Голем дел од својот говор тој посвети на корупцијата, чии последици, како што рече, се особено тешки во воено време. Но, повикот на избори предизвика гнев кај некои украински коментатори, вклучувајќи ги и оние што го поддржуваа неговото враќање како министер за одбрана. Еден од критичарите на Зеленски тврдеше дека дури и најжестоките противници на владата разбираат дека одржувањето избори за време на војна е невозможно. Петгодишниот претседателски мандат на Зеленски заврши во мај 2024 година, но според уставот на Украина, не можат да се одржат избори додека е во сила воена состојба.












