вторник, ноември 24, 2026
Дома СВЕТ Околу 140 летови изгубиле ГПС-сигнал над Европа: Трагата води до руски воен...

Околу 140 летови изгубиле ГПС-сигнал над Европа: Трагата води до руски воен брод

Британската влада одби да коментира безбедносни и разузнавачки детали поврзани со случајот.

0

Постои сомневање дека руски воен брод попречувал (односно „загушувал“) ГПС-сигнали за околу 140 летови над Европа во почетокот на ноември, вклучувајќи авиони на „Бритиш ервејс“, „Рајанер“ и „Изиџет“.

Според весникот The Sun, проблемите биле забележани на 9 ноември, при што некои летови го губеле GPS-сигналот во траење до 20 минути. Меѓу погодените летови биле еден лет на „Рајанер“ од Единбург до Рим, лет на „Изиџет“ од Манчестер кон Египет и лет на „Бритиш ервејс“ од Лондон до Стокхолм.

Изворот на пречките бил лоциран на околу 300 километри од британскиот брег, во дел од Северното Море каде што во тој момент поминувал руски воен брод. Во близина се наоѓале и бродовите Lady R, Lady D и Maia-1 – пловни објекти поврзани со транспорт на воен товар.

Иако пилотите можат да се префрлат на алтернативни навигациски системи во случај на попречување на ГПС-сигналот, европските земји веќе подолго време предупредуваат за зголемениот број на вакви инциденти, за кои постои сомневање дека се поврзани со Русија.

Експертот за електронско војување, Томас Витингтон, предупреди дека доколку се потврди руската одговорност, тоа би претставувало „интензивирање на нарушувањата што сме ги гледале досега“.

„Колку што ми е познато, ова е првпат да видиме вакво нешто толку далеку на запад. Но, не верувам дека ќе биде и последен пат“, изјави тој. Поранешниот разузнавачки офицер Џејмс Дроксфорд смета дека руски воен брод е „речиси сигурно изворот на ГПС-пречките, а не трговските бродови“ што пловеле во негова придружба. Тој додаде дека е можно ова да е реакција на присуството на бродови на НАТО кои го следеле рускиот конвој.

Британската влада одби да даде коментар за безбедносните и разузнавачките детали поврзани со случајот, а „Бритиш ервејс“ и „Изиџет“ исто така одбија да коментираат прашања поврзани со безбедноста.

ИЗДВОЕНИ