петок, август 14, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА На македонското небо се повеќе прелети, нов радар во септември

На македонското небо се повеќе прелети, нов радар во септември

Новиот АТМ-систем треба да ги зголеми капацитетот и безбедноста на македонското небо, додека новиот радар е во завршна фаза на тестирање и се очекува да биде пуштен во употреба до крајот на септември. Модернизацијата на М-НАВ ќе продолжи и во следниот период. Во план е набавка на нови навигациски уреди за полетување и слетување, како и нови ВОР-системи, кои се користат во воздушната навигација

3

Поставувањето и ставањето во функција на новиот АТМ- систем во М-НАВ ќе овозможи повисоко ниво на безбедност, сигурност и ефикасност во управувањето со воздушниот сообраќај, истакна заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, при посетата на М-НАВ и на контролната кула на Скопскиот аеродром.

Значењето на модернизацијата е уште поголемо поради значителниот раст на воздушниот сообраќај над Македонија. Според Николоски, во првите шест месеци од годинава низ македонскиот воздушен простор се реализирани околу 173.000 прелети, што е зголемување од 12,2 отсто во однос на тој период лани. Во споредба со 2024 година, растот е 23 отсто, а во однос на 2023 година – 27 отсто. Само во јули, на македонското небо биле регистрирани околу 42.000 прелети.

– АТМ-системот е технолошко решение што директно ќе придонесе за повисоко ниво на безбедноста, сигурноста и на ефикасноста во управувањето со воздушниот сообраќај. Со неговото воведување во употреба, М-НАВ добива комплетно ново решение – истакна Николоски.

Тој посочи дека проектот има долгогодишна историја и дека почнала набавката уште во 2014 година, додека договорот со италијанската компанија „Леонардо“ бил склучен во 2018 година. Според него, во периодот од 2018 до 2024 година немало активности за реализација на проектот.

Николоски додаде дека со изборот на новото раководство на М-НАВ, започнала интензивна работа на проектот, што резултирало со целосна инсталација и ставање во функција на новиот систем.

Паралелно со АТМ-системот, М-НАВ работи и на модернизација на радарската опрема. Новиот радар на контролната кула на Меѓународниот аеродром Скопје е веќе инсталиран и во моментов е во завршна фаза на тестирање. Неговото целосно пуштање во употреба се очекува во текот на септември или октомври.

– Со воведувањето на овие два системи – АТМ-системот и новиот радар – целосно го покриваме македонското небо со највисоко ниво на контрола и безбедност – рече Николоски.

Според директорот на М-НАВ, Владимир Ристевски, ставањето во употреба на новиот АТМ-систем е еден од најзначајните чекори во модернизацијата на македонската контрола на летање. Тој очекува системот да овозможи поголем капацитет, поголема сигурност и поефикасно обезбедување на воздухопловно-навигациските услуги.

– Со новиот АТМ-систем, пред сè, ја стабилизираме М-НАВ како давател на услуги во воздухопловната навигација и обезбедуваме повисоко ниво на сигурност и континуитет во давањето на услугите. Ова е особено важно во период кога воздушниот сообраќај низ македонскиот воздушен простор бележи енормен пораст – нагласи Ристевски.

Една од клучните придобивки, според него, ќе биде намалувањето на оперативното оптоварување на контролорите на летање преку поголема автоматизација и користење современи алатки за обработка и визуализација на податоците. На тој начин, контролорите ќе може поефикасно и побезбедно да управуваат со поголем број воздушни операции, што ќе придонесе и за зголемување на капацитетот на македонскиот воздушен простор.

Ристевски појасни дека новиот радар треба да биде ставен во функција до крајот на септември. Во ноември 2024 година, кога бил поставен сегашниот Управен одбор, радарот сè уште не бил доставен во Македонија.

– Успеавме да го донесеме, да го деинсталираме стариот и да го инсталираме новиот. По завршувањето на тестирањата, тој ќе биде интегриран во АТМ-системот и ќе овозможи побезбедно справување со полетно-слетните операции, како и подобро покривање на македонскиот воздушен простор со радарска слика – рече директорот на М-НАВ.

Модернизацијата, како што најави Ристевски, ќе продолжи и во следниот период. Во план е набавка на нови навигациски уреди за полетување и слетување, како и нови ВОР-системи, кои се користат во воздушната навигација.

Во тек е и подготовка на техничка спецификација за набавка на нов АМХС-систем за управување со воздухопловните пораки. Системот треба да овозможи поефикасна комуникација на М-НАВ со соседните контроли на летање, „Еуроконтрол“, авиокомпаниите и со другите учесници во европскиот воздушен сообраќај.

Ристевски им се заблагодари на вработените во М-НАВ, особено на контролорите на летање и на воздухопловно-техничкиот персонал, за нивниот ангажман во имплементацијата на новите системи. Тој ја истакна и соработката со Владата, Министерството за транспорт и со Агенцијата за цивилно воздухопловство, оценувајќи дека институционалната поддршка била од големо значење за реализацијата на проектите за модернизација на македонската воздухопловна навигација.

ИЗДВОЕНИ