Статистичките податоци покажуваат забрзување на економската активност, со силен придонес на инвестициите, извозот и градежништвото. Лидерот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, предупредува дека планираното финансирање од 1,3 милијарди евра ќе ја зголеми задолженоста, додека министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска вели дека дел од средствата се наменети за рефинансирање на веќе преземени обврски. Министерката ги отфрла пресметките за надминување на 65 отсто од БДП и посочува дека актуелниот јавен долг е под 59 отсто. Во меѓусебните обвинувања, клучно прашање останува колкав дел од идното задолжување ќе биде ново оптоварување, а колкав ќе оди за сервисирање на старите долгови

Македонската економија во вториот квартал од годинава оствари реален раст од 4,3 отсто, што според Министерството за финансии е највисок квартален раст во изминатите две и пол години. Растот, според податоците на Државниот завод за статистика, е поддржан од инвестициите, извозот, градежништвото, индустријата, трговијата и потрошувачката, додека Владата го оценува како продолжување на позитивниот тренд во економијата.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, посочува дека економскиот раст не треба да се гледа како изолиран резултат од еден квартал, туку како континуитет. Од 1,6 отсто раст во првиот квартал од 2024 година, економијата стигна до 4,3 отсто во вториот квартал од 2026 година. Во меѓувреме, растот во првата половина од 2024 година изнесувал 2,6 отсто, додека во втората половина забрзал на 3,6 отсто. Во 2025 година економијата порасна за 3,5 отсто, а годинава растот во првиот квартал изнесуваше 3,1 отсто.

Според Димитриеска-Кочоска, зад најновата стапка од 4,3 отсто стои поширока економска активност. Бруто-инвестициите во вториот квартал реално пораснале за 16,5 отсто, извозот на стоки и услуги за 10,4 отсто, а финалната потрошувачка за 2,8 отсто, при раст на потрошувачката на домаќинствата од 3,3 отсто. На производната страна, градежништвото има раст од 21,9 отсто, преработувачката индустрија од 4,1 отсто, трговијата, транспортот и угостителството од 4,1 отсто, а секторот информации и комуникации од 4,3 отсто.

Владата дополнително го споредува резултатот со европските економии, посочувајќи дека растот од 4,3 отсто е над просекот на Европската Унија од 1,2 отсто и еврозоната од еден отсто, како и над растот на Србија од 3,8 отсто, Бугарија од 2,5 отсто и Хрватска од 1,7 отсто. Паралелно, инфлацијата, според податоците што ги презентира министерката, се намалила од 4,8 отсто во мај на 3,4 отсто во јуни и 2,3 отсто во јули.

Но, позитивните економски показатели не ја намалија политичката пресметка околу задолжувањето на државата. Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини Владата дека планира ново задолжување од 1,3 милијарди евра, со што, според него, вкупниот долг би се доближил до 12 милијарди евра, односно над 65 отсто од БДП. Филипче праша и зошто во ребалансот не е предвидено задолжувањето, како и зошто во официјалните податоци, според него, не е прикажан долгот од околу 350 милиони евра на Јавното претпријатие за државни патишта, за кој гарантира државата.

Димитриеска-Кочоска ги отфрла овие пресметки како мешање на различни категории јавен долг. Таа објаснува дека долгот на ЈП за државни патишта се следи во Стратегијата за управување со јавниот долг и во Фискалната стратегија, но не претставува долг на централната влада што директно се внесува во Буџетот. Оттаму, според министерката, додавањето на овој долг кон долгот на централната власт за да се стигне до 65 отсто не дава соодветна слика за официјалната буџетска позиција.

Спорот се отвора и околу самите 1,3 милијарди евра. Филипче тврди дека станува збор за нов долг кој Владата го планира без да го прикаже во ребалансот и предупредува дека со него задолженоста би достигнала рекордно ниво. Од Министерството за финансии, пак, појаснуваат дека станува збор за планирање на потребите за финансирање, вклучително и рефинансирање на постојните обврски, а не за автоматско зголемување на долгот за целиот износ од 1,3 милијарди евра.

Димитриеска-Кочоска посочи дека следната еврообврзница доспева во март 2027 година и дека токму поради обврските што пристигнуваат за наплата мора навреме да се обезбедат средства. Според неа, само во 2027 година за враќање стигнуваат околу 1,5 милијарда евра по основ на претходно издадени хартии од вредност и кредити, а дополнителна обврска претставуваат и државните записи со рок до 12 месеци, кои во 2027 година изнесуваат околу 1,1 милијарда евра.

Токму тука се разминуваат политичките пресметки. Потенцијалното ново задолжување, Филипче го третира како дополнителен долг што го создава Владата, додека Димитриеска-Кочоска укажува дека значаен дел од средствата ќе служат за сервисирање и рефинансирање на обврски преземени претходно. Како илустрација, таа ја користи логиката дека кога домаќинство зема нов кредит за да отплати стар, номиналниот износ на новиот кредит не е исто што и нето-зголемувањето на вкупниот долг, бидејќи дел од средствата оди за отплата на старата обврска.

Министерката дополнително посочува дека во декември 2023 година биле усвоени 12 закони за задолжување и потпишани од тогашниот министер за финансии, аргумент со кој Владата сака да покаже дека денешните обврски не можат да се гледаат одвоено од долговите што пристигнуваат за наплата во наредниот период.

Во однос на тврдењето дека со новото задолжување јавниот долг ќе достигне 65 отсто од БДП, Димитриеска-Кочоска вели дека клучен показател е токму односот на долгот кон економската активност, а не само номиналната сума на задолжувањето. Според неа, Владата во средината на 2024 година наследила состојба во која било потребно дополнително задолжување и зголемување на буџетскиот дефицит поради непредвидени обврски, а 2024 година била завршена со јавен долг од околу 60 отсто од БДП. Денес, како што тврди министерката, јавниот долг е под 59 отсто од БДП.

Во исто време, Филипче оценува дека Владата во изминатите две и пол години создала повеќе од четири милијарди евра нов долг и дека задолжувањето не е проследено со доволно капитални инвестиции. Тој бара одговорност и за начинот на кој се планира новото задолжување и прашува дали со тоа се прекршува Законот за буџет.

Од Министерството за финансии, пак, инсистираат дека потребата од задолжување мора да се разгледува заедно со структурата на постојниот долг, роковите на достигнување и буџетскиот дефицит, кој во Фискалната стратегија е проектиран на 3,5 отсто. Во таква поставеност, аргументот на Владата е дека обезбедувањето средства однапред не значи дека целиот износ претставува дополнителен нето-долг, туку дека дел од средствата се потребни за редовно сервисирање на веќе преземени обврски.

Димитриеска-Кочоска истовремено тврди дека Министерството за финансии, во изминатите две и пол години, редовно ги објавува податоците за јавниот долг и задолжувањето и дека нема простор за криење на обврските. Владата, според неа, ќе продолжи со политики насочени кон реализација на капитални проекти, поддршка на приватниот сектор и инвестициите, подобрување на деловното окружување и одговорно управување со јавните финансии.

Филипче: САД знаат дека кинески пари влегувале во Македонија

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, потенцираше дека Соединетите Американски Држави,  нашите клучни стратешки партнери, веќе знаат дека во земјата во изминатите две години влегувале кинески пари, укажувајќи на заемот од Унгарија, но и преку најавите за нови проекти во општините на Стоилковиќ.

– Заемот којшто е сега предмет на истрага, заемот поради којшто сега цела Европа и цел свет знае дека владата, на чело со Христијан Мицкоски, е под истрага и се сомневаат во нелегални процеси. Сега, кога и нашите стратешки партнери, Соединетите Aмерикански Држави, веќе јасно знаат дека во земја влегуваат и влегувале во изминатите две години кинески пари. Прво преку заемот којшто дојде од Унгарија, а сега најава преку министерот за локална самоуправа за некакви си проекти во општините – обвини Филипче.

Филипче посочи дека унгарскиот заем е поврзан и со зголемувањето на јавниот долг, посочувајќи дека граѓаните секојдневно ги чувствуваат последиците од економските политики на власта.

– Граѓаните најдобро знаат, секој ден под власта на Христијан Мицкоски живеат сè полошо. Колку треба да биде очаен човек да каже дека наследиле долг 61,4% од бруто домашниот производ во 2024 година, кога вистината е дека долгот порасна на 61,4% од бруто домашниот производ, после заемот од Унгарија од 1 милијарда евра – посочи претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

(С. Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ