Се проценува дека 20 милиони деца на возраст од 12 до 17 години – речиси секое петто дете – биле изложени на барем една форма на сексуална експлоатација и злоупотреба со помош на технологија, во само една година, во 21 земја, според новиот извештај објавен од УНИЦЕФ денеска, се вели во соопштението од канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, што МИА го пренесува интегрално.
„Низ детските очи: Како дигиталните технологии овозможуваат сексуална злоупотреба на деца“ ги обединува сведоштвата на децата со една од најголемите бази на достапни анкетни податоци за да предупреди на широко распространет тренд на сексуална злоупотреба и експлоатација на деца – онлајн и офлајн – овозможени од технологијата.
Во извештајот се проценува дека над 15 милиони деца биле изложени на несакана сексуална содржина, од 9 милиони било побарано да се вклучат во сексуални разговори или да споделат сексуални слики против своја волја, а сексуални слики од 4 милиони деца биле споделени без нивна согласност. Меѓутоа, вистинскиот обем на проблемот веројатно е многу поголем поради недоволното пријавување од страна на децата.
„Извештајот открива болна реалност. Повеќе од 20 милиони деца во земјите опфатени со истражувањето биле изложени на несакана експлицитна сексуална содржина или експлоатација преку интернет, често во дигиталните простори каде што учат, играат и се поврзуваат со пријателите“, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел. „Овие искуства предизвикуваат длабоко емоционално и психичко страдање. Многу деца страдаат во тишина, не знаејќи каде да се обратат за помош. Не смееме да го свртиме погледот.“
Според наодите, речиси 60 проценти од случаите се случиле на социјалните мрежи, вклучувајќи ги Фејсбук, Инстаграм, Снепчет, ТикТок и Вотсап, а 14 проценти од случаите се случиле во онлајн-игри, при што карактеристиките, функциите и дизајнот на платформите се користеле за искористување на довербата, се наведува во извештајот. Во Црна Гора, повеќе од 80 проценти од пријавените случаи вклучувале платформи на социјалните медиуми, додека во Колумбија тие биле поврзани со над половина од случаите.
Во земјите опфатени со истражувањето, во 57 проценти од случаите било вклучено лице што детето веќе го познавало, меѓу кои и врсници, романтични партнери, пријатели и членови на семејството, со што се побиваат претпоставките дека онлајн-злоупотребата првенствено ја вршат непознати лица. Истовремено, 38 проценти од децата првпат го сретнале сторителот на интернет, а доказите покажуваат дека злоупотребата се олеснува преку лажни профили и приватни пораки.












