Први мај се слави низ целиот свет како Меѓународен ден на работниците, ден што многумина денес го поврзуваат со одмор, дружење и излети, но чие историско значење носи многу посилна порака. Тоа е ден на сеќавање на работниците кои се бореле за достоинствена работа, праведни услови, пократко работно време и основните работнички права.
Денот на трудот се одбележува со протести за поддршка на работниците, барања за подобра позиција за вработените, но и со потсетување на сите оние чии права се загрозени. Неговата суштина е солидарност – со работниците, обесправените и сите оние кои се соочуваат со експлоатација, несигурни работни места и неправда.
Меѓународниот ден на работниците е воспоставен за да се одбележат настаните во Чикаго, кога на 1 мај 1886 година, десетици илјади работници излегоа на улиците барајќи подобри и поправедни услови за работа. Едно од главните барања беше воведување на осумчасовен работен ден, познат по слоганот „три осмици“ – осум часа работа, осум часа одмор и осум часа слободно време.
Протестите траеја неколку дена, а најсериозните судири избувнаа на 4 и 5 мај. Полицијата брутално ги разби работничките собири и штрајкови, а потоа следуваа судири на улиците, со жртви меѓу демонстрантите и полицијата. Најмалку шест лица беа убиени, околу 50 беа повредени, а протестите беа проследени со масовни апсења. Неколку работнички лидери беа осудени на смрт, додека некои добија долгогодишни затворски казни.
Во спомен на овие настани, Основачкиот конгрес на Втората интернационала во Париз во 1889 година одлучи 1 мај да се одбележува како Меѓународен ден на работниците. Две години подоцна, на Конгресот во Брисел во 1891 година, 1 мај беше формално прогласен за празник на работничката солидарност.
Денес, 1 мај во Македонија е државен празник и неработен ден. Во време на големи социјални разлики, несигурна работа и сè почести прашања за статусот на вработените, Меѓународниот ден на трудот уште еднаш нè потсетува дека работничките права не се подарени, туку се изборени – честопати со големи жртви.












