сабота, јуни 6, 2026
Дома СВЕТ Путин го отфрли предлогот на Зеленски за директна средба, рече дека самитот...

Путин го отфрли предлогот на Зеленски за директна средба, рече дека самитот „нема цел“

18
Фото: KAZAKOV/SPUTNIK / KREMLIN POOL MANDATORY CREDIT

Рускиот претседател Владимир Путин денес го отфрли предлогот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за директни разговори за завршување на војната, велејќи дека средбата „нема цел“.

Путин изјави на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург дека писмото што Зеленски му го испратил вчера било „грубо“, особено откако на 22 мај беше нападнат студентски дом во регионот Луганск, контролиран од Москва, при што загинаа 21 лице.

„Дали ова е начин да се создадат услови за лични средби и разговори или да се создаде средина што спречува какви било лични средби? Мислам дека е второто“, рече Путин.

Зеленски оцени дека Соединетите Американски Држави (САД), кои претходно посредуваа во преговорите меѓу Русија и Украина, ги променија своите приоритети, односно дека е „погрешно да се чека“ Вашингтон повторно да се сврти кон решавање на тој конфликт кога сè уште е фокусиран на војната во Иран.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, рече дека „би било одлично“ ако Путин и Зеленски се сретнат.

Путин претходно му понуди на Зеленски да дојде во Москва на разговори, што украинскиот претседател го одби.

Рускиот претседател во мај изјави дека не ја исклучува средбата со Зеленски во трета земја, но „само кога ќе има договор за потпишување“.

Путин рече дека Русија е отворена за компромис за Украина во согласност со договорите постигнати на минатогодишниот самит со Трамп во Алјаска, додавајќи дека Киев мора да ги прифати за да постигне договор за прекин на конфликтот.

„Секако, украинската страна би сакала да го запреме напредувањето на руската армија, но би било подобро да се заврши војната со согласување со компромисите што беа дискутирани во Анкориџ (Алјаска)“, рече тој, пренесе „Бета“.

ИЗДВОЕНИ