Конечно, нешто многу убаво ќе се случи сега, 20 август, во Пустец во Албанија, на тамошниот плоштад „Гоце Делчев“, во градот во кој со векови живеат голем број Македонци.
Во рамките на фолклорниот фестивал, кој годинава е под покровителство на премиерот Христијан Мицкоски, ќе има и една ексклузивна вечер на која ќе настапат популарните македонски пејачи Блага Петреска и Круме Спасовски. По тој повод, Блага Петреска ни изјави да е прилично возбудена од сознанието дека ќе пее пред нашинците, кои се жедни за македонските рефрени, зборови, емоции, кои копнеат по Македонија.
– Едвај чекам да ги гушнам тие луѓе, да им упатам, покрај песната, и многу топли зборови и искрени поздрави од нашата Македонија, која никогаш не ги заборава – вели Блага.
Однапред се знае дека тоа ќе биде незаборавна вечер исполнета со емоции, патриотски песни, но и песни во кои се пее за љубовта, за македонската традиција. На репертоарот ќе се најдат голем број безвремени македонски хитови.
Вечер што ќе ги спои генерациите, преку македонската музика, фолклорот и богатото културно наследство. (Д. М.)












