Во Албанија, уште еден сегмент од Коридорот 8, на оската Елбасан – Ќафасан, е отворен за сообраќај, што носи подобрувања за патниците што минуваат низ граничниот премин.
Новиот сегмент од 7,5 километри се протега од излезот на селото Лабинот-Фуше до околу 500 метри по селото Мирак и сега е отворен со две ленти за сообраќај.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, и министерот за инфраструктура и енергетика, Енеа Каракачи, објавија дека оваа инвестиција е дел од проектот за проширување и модернизација на Коридорот 8, една од најважните оски што ја поврзуваат Албанија со земјите од регионот.
Според нив, отворањето на овој сегмент ќе го подобри сообраќајот, ќе ја зголеми безбедноста на патиштата, ќе го скрати времето на патување и ќе го олесни транспортот на граѓани и на стоки.
Коридорот 8 е од особено значење и за граѓаните на Македонија, бидејќи е една од главните маршрути за патување до Албанија и албанското крајбрежје преку Ќафасан.












