– Сè додека не најдеме законско и прифатливо решение за сите отворени прашања, јас, како градоначалник, нема да предложам овој нацрт ДУП да биде ставен на дневен ред на Советот. За Водно мора да бидеме особено внимателни. Не е доволно само да се исполнат формалните процедури туку мора да бидеме сигурни дека решенијата се безбедни, законски и во интерес на граѓаните – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски
Донесувањето на нацрт деталниот урбанистички план „Барутана“ е законска обврска на Општината, нагласи градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на денешниот брифинг со новинарите, на кој сакаше попрецизно да објасни за, како што кажа, изречените невистини во врска со овој план.
– По укинувањето на планот во 2025 година, наша должност е да почнеме процедура за донесување нов. Тој процес го започнавме – рече Герасимовски.
Воедно, нагласи дека нацрт деталниот урбанистички план „Барутана“ нема да биде ставен на дневен ред на Советот сè додека не се најде законски издржано и прифатливо решение за сите отворени прашања, особено за стабилноста на теренот и за пристапната сообраќајница.
– Мојот став е јасен. Сè додека не најдеме законско и прифатливо решение за сите отворени прашања, јас, како градоначалник, нема да предложам овој нацрт детален урбанистички план да биде ставен на дневен ред на Советот. За Водно мора да бидеме особено внимателни. Не е доволно само да се исполнат формалните процедури туку мора да бидеме сигурни дека се решенијата безбедни, законски и во интерес на граѓаните – истакна Герасимовски.
Тој додаде дека во однос на нацртот на овој план е добиена согласност од Град Скопје, ЈП „Водовод и канализација“, Агенцијата за катастар на недвижности, Агенцијата за електронски комуникации, ЕСМ – Дистрибуција на топлина, Агенцијата за цивилно возухопловство, ЈП „Водостопанство“, Министерството за внатрешни работи, како и од Секторот за води и од Секторот за природа при Министерството за животна средина и просторно планирање. Информираше дека Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) дала позитивно мислење за нацрт деталниот урбанистички план „Барутана“, потврдувајќи дека условите од областа на заштитата и спасувањето се соодветно вградени во планската документација.
Герасимовски нагласи дека позитивните мислења од институциите не значат автоматско донесување на нацрт деталниот урбанистички план, ниту дека завршува постапката со нив.
– Мислењата на институциите се важни, но, за мене, е подеднакво важно да ги отстраниме сите сомнежи околу стабилноста на теренот. Затоа, покрај анализите што веќе ги имаме, ќе ѝ наложиме на планерската куќа да нарача посебна студија од Градежниот факултет за процена на ризикот од ерозија, свлекување и нестабилност на падините. Сакам да имаме јасна и целосна стручна слика пред да се носат какви било конечни одлуки – потенцираше Герасимовски.
Тој објасни дека со нацрт деталниот урбанистички план за Барутана на Водно се предвидува намалување на вкупната површина за градба од 43.429 на 29.439 квадратни метри, односно за 33,3 проценти, како и зголемување на зеленилото во градежните парцели од 20 на 40 проценти. Појасни и дека со новиот нацрт-план не се воведуваат нови градежни парцели, туку се задржуваат парцелите предвидени со претходната планска документација, при што се намалува површината за градба. Посочи дека урбанистичкиот опфат на Барутана бил утврден со Генералниот урбанистички план и дека постоела планска документација за подрачјето уште од 2002 година.
Според него, проблемите со усогласувањето на генералните и деталните урбанистички планови не се карактеристични само за Општина Центар туку се присутни и во други делови од Скопје. Тој оцени дека е неопходно донесувањето нов генерален урбанистички план за да се надминат несогласувањата во планираните капацитети за градба, населението и сообраќајната инфраструктура.
Во однос на сообраќајното решение за Барутана, Герасимовски најави дека ќе биде организирана втора јавна анкета, на која граѓаните ќе можат повторно да ги изнесат своите забелешки и предлози. Една од главните теми што ќе бидат разгледани се можностите за измена на дел од предвидените сообраќајници, особено поради конфигурацијата на теренот и тешкотиите при нивната реализација. Тој потенцираше дека Општина Центар нема да го расчистува теренот со општински средства, ниту да ја преземе обврската за финансирање на улиците предвидени со планот. За дел од сообраќајното решение, како што беше појаснето на брифингот, надлежност има и Град Скопје, а можните измени ќе мора да бидат усогласени со важечката планска документација.
Герасимовски е дециден дека нема да се продолжи со планот сè додека не се добијат сите позитивни мислења.
– Ова е прва фаза, на крајот Град Скопје и Министерството за транспорт ќе треба повторно да дадат позитивно мислење. Потоа планот ќе оди на усвојување во Советот на Општина Центар. А дали ќе се изгласа, тоа е веќе политичко прашање – истакна Герасимовски.
Нацрт-планот за Барутана беше изгласан на седница на Советот на Општина Центар, на 14 јули 2026 година. Против гласаа советниците на ЗНАМ, на „Шанса за Центар“, Левица и по еден советник од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.
(А. П.)












