четврток, август 20, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Прво Скопје и Софија да се доближат, па Мицкоски и Радев на...

Прво Скопје и Софија да се доближат, па Мицкоски и Радев на маса

2

ДИПЛОМАТСКИТЕ КАНАЛИ ПРЕД ЗАДАЧА ДА ГО СТОПАТ МРАЗОТ  

Премиерот Христијан Мицкоски е подготвен да седне на маса со бугарскиот премиер, Румен Радев, но не по секоја цена и не само за фотографија. Неговиот став е јасен: прво дипломатските разговори да ги доближат позициите на Скопје и на Софија, а потоа средбата на двајцата премиери да има конкретна цел и ефект. Мицкоски потенцира дека треба партнерите и соседите да разговараат партнерски, искрено, и тој е подготвен секогаш да разговара на оваа тема.

– Јас сум подготвен во кој било момент да седнам и да разговарам, а за средба колку да биде само средба, а притоа да нема никаков ефект, не сум љубител на губење ниту на своето ниту на неговото време. Очекувам дека дипломатските обиди да се изнајде решение претходно ќе ги доближат позициите на двете страни, па ако има можност за такво доближување, тогаш апсолутно сум подготвен да седнам со него – истакна премиерот и додаде дека досега немало иницирано директна средба со претставниците на Бугарија, на кое било ниво.

Македонскиот Устав ги штити сите граѓани, Бугарија да врати со иста мера

Мицкоски истакна дека Македонија има јасни црвени линии, но и волја за разговор и барање решение. Тој посочи дека Уставот обезбедува сериозна заштита на правата на сите граѓани, вклучително и на бугарската заедница, а истовремено го отвори и прашањето за правата на македонската заедница во Бугарија, посочувајќи ги уште еднаш случајот со ОМО Илинден Пирин и пресудите на Европскиот суд за човекови права.

– Политиката се темели на разговори. Јас сум од оние политичари што сакаат да разговараат додека не се постигне решение. И во првиот и во вториот случај, ние ќе продолжиме да разговараме. Знаеме кои се нашите црвени линии и во рамките на тие црвени линии ќе се обидеме да го најдеме решението – изјави премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања пред почетокот на Амбасадорскиот совет.

Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот премиер, Румен Радев, дека ќе го поддржи проширувањето на ЕУ, но дека и натаму остануваат барањата за исполнување на преземените обврски и заштита на Бугарите во земјава, Мицкоски рече дека нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница.

– Нашиот Устав нуди апсолутно сериозна заштита за сите граѓани во државата, вклучително и за бугарската заедница. И тоа не го зборувам само јас туку тоа го зборува и Советот на Европа, кој ги третира човековите права, и затоа и мониторинг и постмониторинг-мисијата ја прекина во земјава, што значи дека човековите права на сите заедници, на сите граѓани се гарантирани со нашиот Устав. И сега тука доаѓаме до втората тема, а тоа е што правиме со македонската заедница од другата страна на границата, имајќи предвид дека Бугарија има ратифицирано дека ќе ги почитува човековите права, а, од друга страна, континуирано избегнува да ги регистрира здруженијата на македонската заедница во Бугарија, како што е случајот со ОМО Илинден Пирин и покрај тоа што имаме дузина пресуди од страна на Судот за човекови права во Стразбур – изјави Мицкоски.

Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, пак, беше прашан за коментар за изјавата на својот чешки колега, Петр Мацинка, дека уставните измени не се билатерално, туку прашање меѓу земјава и ЕУ, на што тој одговори со оцена на позицијата на Чешка, како јасна поддршка за македонскиот европски пат.

– Колегата Мацинка прати неколку клучни пораки. Прво, дека за Чешка е приоритет дека ние треба што побрзо да станеме полноправна членка на Европската Унија. Второ, дека многу се ценат напорите што ги има направено нашата држава во последниот период, насочени кон полноправно членство. И, исто така, прати јасна порака дека тие, како држава, ги разбираат нашите позиции и имаат цел да помогнат, доколку е возможно, да се изнајде некое соодветно решение за да можеме ние да ги отвориме преговорите. Така што, доколку јас би ја ценел оваа изјава, би ја ценел низ призмата на максималната поддршка што ни ја дава Чешка, како принципиелен и долгогодишен поддржувач – рече Муцунски.

Во однос на изјавата на Мацинка дека Чешка е против промени на начинот на одлучување во ЕУ, шефот на македонската дипломатија рече дека е несоодветно да коментира за тоа како се поставуваат одделни земји членки во рамките на внатрешните реформи на Европската Унија, бидејќи ние не сме членка на ЕУ.

– Мацинка прати јасна порака дека Чешка сака да биде наш сојузник во изнаоѓањето соодветно и одржливо решение. Беше прилично јасен, барем тоа што го слушав во неговите пораки во таа смисла. Во однос на тоа како се поставуваат поединечни земји членки во рамките на внатрешните реформи на Европската Унија, сосема е несоодветно ние да даваме коментар, ние не сме земја членка на ЕУ – рече шефот на македонската дипломатија.

Три стратешки приоритети за дипломатите

Муцунски вчера, пред македонските амбасадори и генералните конзули, ги претстави трите стратешки приоритети на македонската дипломатија: заштита на македонските национални интереси, зајакнување на економската дипломатија и заштита на граѓаните што живеат или престојуваат во странство.

Пред почетокот на Амбасадорскиот совет, Муцунски посочи дека во однос на економската дипломатија, Европската Унија останува најзначаен трговски партнер на Македонија. Во исто време, рече тој, земјава работи на продлабочување на трговската соработка со САД, Индија и со земјите од Арапскиот Залив, со цел отворање нови пазари и зголемување на економските можности.

Амбасадорски совет се одржува овие два дена, во Скопје, со учество на шефовите на македонските дипломатско-конзуларни претставништва во странство. Ова е првпат по 2019 година Амбасадорскиот совет повторно да се одржи во земјава, со физичко присуство на шефовите на дипломатско-конзуларните претставништва. Како што посочи шефот на дипломатијата, само два-тројца амбасадори, од навистина објективни причини, не биле во можност да присуствуваат на настанот. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ