Политичката ситуација во Косово останува тензична. По пресудата за поранешните лидери на таканаречената ОВК, предводени од Хашим Тачи, во Приштина речиси секојдневно се одржуваат протести.

На протестите граѓаните бараат ослободување на Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими. Дел од демонстрантите по објавувањето на пресудата се упатија и кон седиштето на ЕУЛЕКС, каде што дошло до фрлање камења и судири со полицијата.

Специјализираните совети на Косово во Хаг го осудија Тачи на 25 години затвор за воени злосторства. Весели доби 18 години, Красниќи 25, а Селими 13 години затвор. Сите четворица имаат право на жалба.

Судот ги прогласи за виновни за убиство, тортура, сурово постапување и произволно лишување од слобода. Во исто време, беа ослободени од обвиненијата за шест дела поврзани со злосторства против човештвото, бидејќи судскиот совет оцени дека обвинителството не докажало дека тие биле дел од широк или систематски напад врз цивилното население.

Пресудата доаѓа во момент кога Косово и онака се соочува со сериозна институционална неизвесност. Албин Курти на 13 септември повторно беше избран за премиер со 62 од 120 пратенички гласови, но земјата сè уште нема избран претседател.

За избор на претседател е потребно двотретинско мнозинство, а несогласувањата околу кандидатот може да ја продолжат блокадата. Доколку не се постигне договор, Косово би можело повторно да оди на парламентарни избори, што би бил четврти изборен циклус за само две години.

Дополнителен проблем претставува и европската финансиска поддршка. Косово има на располагање индикативни 882,6 милиони евра преку инструментот на ЕУ за реформи и раст за Западен Балкан, но пристапот до средствата е поврзан со спроведувањето на реформите и функционирањето на демократските институции.

Премиерот Курти ја оцени пресудата за поранешните лидери на ОВК како неправедна, но истакна дека таа не е конечна и дека следува жалбена постапка.

Организаторите, пак, најавуваат дека протестите ќе продолжат на неодредено време, односно сè до ослободувањето на осудените. Долготрајните протести, во комбинација со нерешената институционална криза, дополнително ја зголемуваат неизвесноста во Косово.

ИЗДВОЕНИ