Жените што работат за американскиот претседател Доналд Трамп отворено зборуваат за последиците што може да ги има таа работа, со оглед на високите стандарди за убавина и исклучително изискувачката природа на претседателот. Неколку жени во кругот МАГА изјавија за „Дејли мејл“ дека не ја обвинуваат прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Ливит, за желбата да си замине. Иако Ливит, како главна причина за заминувањето го наведе тоа дека сака да поминува повеќе време со своите мали деца, според нивните зборови, ѝ досадиле постојаните барања на Трамп. Некои откриваат дека се работи за постојан притисок да се биде во чекор со најновите стандарди за убавина, што може да вклучува секојдневно фенирање и редовни третмани со ботокс.
– Може да биде целосно исцрпувачки. Мора да бидете исклучителни во вашата работа, тоа се подразбира, но ако сте жена, мора да изгледате на одреден начин, да се облекувате на одреден начин и да бидете достапни 24 часа на ден, бидејќи ова е претседател кој едвај спие, рече една жена за работата со Трамп.
Бланш Спрег, една од поранешните директорки на Трамп од времето кога тој беше член на високото општество во Њујорк, изјави за „Дејли мејл“ дека е исцрпувачко да се работи за него.
– Ми се јави ноќе и ме праша: Дали знаете дека има шише сок пред Трамп Плаза? А јас морав да се погрижам некој веднаш да го собере, бидејќи тој повторно ќе вози за да види дали е уште таму, се присети таа.
Некои луѓе кои ги бранат барањата на претседателот тврдат дека тоа што ги охрабрува жените да се фокусираат на изгледот не е однесувањето на Трамп, туку женската конкуренција меѓу неговите вработени.
– Тој не ги принудува овие жени да се фенираат во 6 часот наутро, да се подложат на пластична хирургија или да земаат апчиња за слабеење, рече еден од нив.
Покрај Ливит, уште шест жени од внатрешниот круг на Трамп си заминаа од почетокот на годинава: директорката на Националното разузнавање, Тулси Габард, државната обвинителка Пам Бонди, министерката за внатрешна безбедност, Кристи Ноем, министерката за труд, Лори Чавез-Де Ремер, заменик-портпаролката Абигејл Џексон и директорката за медиумски прашања, Сони Џој Нелсон. Во изјавата за Ливит, во која го објави нејзиното заминување, претседателот рече дека таа ќе преземе нова улога како „надворешен советник“ за да „работи на пркосење на историјата и на конечна победа на среднорочните избори“. Извори за „Дејли мејл“ изјавија дека иако Ливит ја напушта говорницата, Трамп веројатно и понатаму често ќе ја повикува во нејзината нова улога.
– Претседателот верува во нејзината процена. Тој ја почитува нејзината одлука да поминува време со своите деца, но ќе продолжи да бара нејзино водство, рекоа луѓе блиски до Трамп.












