EPA/NEIL HALL

Светскиот тениски рекет број еден, Италијанецот Јаник Синер, итно закажа преглед на клиника во Милано и принудно го врати својот лекар во ординацијата. На почетокот немаше информации дали станува збор за нешто вонредно или за рутински преглед, но тоа предизвикува загриженост меѓу неговите обожаватели поради фактот што има помалку од еден месец до почетокот на Отвореното првенство на САД и тоа што тој веќе имаше значителни здравствени проблеми оваа сезона, особено на Ролан Гарос и пред тоа.

Италијанскиот новинар Габриеле Парпиља во вторникот попладне објави дека Синер е во „Физиоклиника“, приватна клиника за физиотерапија во Милано. Тој посетил доверлив физијатар што се вратил од одмор за овој преглед.

Изворот тврди дека посетата на Синер кај лекарот била итно побарана и дека е во тек важен преглед.

Од друга страна, „Газета дело спорт“ објави со помирен тон дека прегледот на Синер бил закажан претходно.

– Синер дојде на лекар како дел од редовното следење на неговата физичка состојба пред многу напорното продолжение на сезоната. Сепак, со оглед на тоа што се ближат турнирите на американски терен, ова патување до клиниката привлече големо внимание. Прегледите траеја до 12:00 часот и четворица членови на неговиот стручен штаб беа со него. Откако ја напушти клиниката, тој се насмевна и одвои време за неколку автограми за навивачите што го чекаа – беше наведено во текстот на „Газета дело спорт“.

Тој се јави кај лекар во врска со десното колено. Се верува дека прегледот може да биде поврзан со непријатноста во десното колено. Минатата недела, при посетата на медицинскиот центар на Јувентус во Торино, тој беше фотографиран со фластер точно во делот на десното колено.

Сепак, досега ништо не укажува на посериозен проблем. Напротив, ваквите прегледи служат за откривање и санирање на можни помали оптоварувања или почетни знаци на повреда, тврди „Газета“.

Планот за одење во Америка останува ист.

– Контролирањето на помалите повреди и внимателното дозирање на оптоварувањето станаа клучен дел од подготовката на играчот, кој значително го зголеми бројот на натпревари на највисоко ниво во последниве години. Планот не се менува: во недела, 9 август, Синер треба да отпатува за Соединетите Американски Држави, каде што ќе ја почне американската сезона на тврда подлога. Првата голема цел ќе биде мастерсот 1.000 во Синсинати, а потоа и Отвореното првенство на САД. По триумфот на Вимблдон и исклучително интензивниот прв дел од сезоната, тој се подготвува за враќање на подлогата што му донесе многу успех во претходните години – пишува „Газета“.

 

ИЗДВОЕНИ