Албанскиот премиер Еди Рама, говорејќи во четвртокот во Брисел за студентските протести во Тирана – кои траат веќе 22 дена – изјави дека демонстрантите одбиваат дијалог и бараат негова оставка, но притоа не изнесуваат јасно дефинирани барања.
„Протестирањето не е лесно. Зошто протестирате? ’Не сакаме да разговараме со тебе; треба да си заминеш‘. Извинете, но вие не ми ја дадовте оваа работа. Ајде да разговараме; подготвен сум да ве ислушам. Нема дијалог, нема разговор“, рече Рама во интервју за „Еуроњуз Албанија“.
Тој посочи дека суштината на проблемот лежи во сè поголемиот број луѓе на улиците кои бараат негово заминување, иако нагласи дека е важно да се слушнат демонстрантите и да се разбере што сакаат тие.
„Тоа е демократија, тоа е слобода. Луѓето имаат право да го прават она што го сметаат за потребно“, рече Рама, додавајќи дека слободата на поединецот завршува таму каде што започнува слободата на другите.
На прашањето дали протестите влијаат врз него, тој одговори потврдно, напоменувајќи дека се обидува да ги искористи за да разбере како може да направи повеќе и да работи подобро.
Рама истакна дека Албанија бележи позитивни резултати во туризмот и економскиот раст, како и напредок на патот кон Европската Унија, но сепак, тој додаде дека граѓаните очекуваат повеќе отколку што економијата моментално може да понуди.
Протестите во Албанија траат од 13 октомври, при што студентите се собираат пред Министерството за образование и други државни институции. Покрај барањата за оставки, тие бараат и подобри услови за работа. Поддршка добија и од професорите, кои ја прекинаа наставата на факултетите.












